Ali Atar
17 Март 2019•Ажурирај: 19 Март 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - АЛИ АТАР -
Секој ден се открива некоја нова измама на киберкриминалците.
Истражувачите на компанијата за кибербезбедност „Kaspersky Lab“ соопштија дека откриле нов малициозен софтвер кој бил раширен преку „Pirate Bay“, една од најпопуларните торент интернет-страници на светот.
Поради неговата повеќеслојна структура, скриеност и речиси бесконечен број функции, овој малициозен софтвер, кој е наречен „PirateMatryoshka“, поради сличноста со класичната руска играчка матрјошка, од корисниците на торент ги краде податоците на идентитетот.
„PirateMatryoshka“ во компјутерите заразени со овој малициозен софтвер отвора пат за инсталирање и на други штетни компјутерски програми и програмите „adware“ (програми за рекламирање). Благодарение на комплексната и мултифункционална структура, „PirateMatryoshka“ ефикасно се распространува во компјутерите на корисниците насекаде во светот.
- „Малициозниот софтвер е дистрибуиран преку корисниците на торент“ -
Антон Иванов, експерт за безбедност од „Kaspersky Lab“, за Аnadolu Аgency (AA) изјави дека често се среќаваат со повеќеслојни малициозни програми кои во компјутерите инсталираат повеќе програми истовремено, но додаде дека „PirateMatryoshka“ има многу посложена структура.
Иванов информираше дека малициозниот софтвер во компјутерот, кој е цел на нападот, се инсталира преку софтвер „adware“, кој во себе има дополнителни инсталирачки датотеки, и додаде дека малициозниот софтвер кој притоа се инсталира, отвора пат за инсталирање на многу други штетни програми во компјутерот.
Иванов нагласи дека за напад се користи многу напреден метод, кој неселективно користи фишинг метода за проширување на што е можно поголем број корисници.
Toj истакна дека најчеста цел за ширење на овој малициозен софтвер се корисниците на торент.
„Киберкриминалците, малициозниот софтвер најчесто го распространуваат преку популарните компјутерски програми, игри, мултимедиумски документи и други дигитални документи кои се бараат на интернет. Секогаш се соочуваме со нов метод на измами од страна на киберкриминалците. Во овој случај имаме штетни содржини инсталирани во корисничкиот компјутер преку програмите „adware“, кои се дистрибуирани преку корисниците на торент. На крај, корисниците на торент кои се жртва на нападот, не остануваат само со тоа што компјутерскиот систем им е заразен со „adware“ или со малициозен софтвер, туку во исто време ним им се украдени и личните податоци и сметките“, вели Иванов.
Тој на корисниците на интернет им препорача користење на легален софтвер за заштита на своите уреди.
„Доколку сакате да ги сочувате вашите уреди, тогаш користете само легален софтвер симнат од официјални интернет-страници. Обрнете повеќе внимание на тоа дали интернет-страниците што ги посетувате се реални. Не ги посетувајте веб-страниците за кои не сте сигурни дали се реални. Обезбедете сеопфатна заштита на своите лични податоци против различните закани со помош на специјални програми за безбедност.“