Husamedin Gina
24 Септември 2019•Ажурирај: 25 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Во организација на Националната асоцијација на иноватори на Македонија денеска е отворен третиот Меѓународен саем на пронајдоци, иновации и нови технологии „ИНОВАМАК 2019“, јавува Anadolu Agency (AA).
На тридневната саемска манифестација што се одржува во Домот на Армијата – Скопје, учество ќе земат над 100 иноватори од повеќе од 20 држави, како и студенти од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Горан Герасимовски, заменик-директор на Државниот завод за индустриска сопственост на Северна Македонија, во својот говор на отворањето на Саемот рече дека особено е важно иноваторот во своите бизнис-стратегии да ги вклучи правата на индустриската сопственост.
„За да се зголеми вредноста на пронајдокот особено е важно пронаоѓачот да учествува на вакви саемски манифестации и да ги вклучи правата од индустриската сопственост во своите бизнис-стратегии“, рече Герасимовски, додавајќи дека Државниот завод за индустриска сопственост како институција со години наназад го поддржува одржувањето на изложбите и учествува во доделувањето награди за иноваторите.
Неда Икономова Гавриловска, претставничка од Фондот за иновации и технолошки развој, во името на директорот на Фондот, потсетувајќи дека по вторпат ја поддржуваат оваа меѓународна манифестација, ги повика младите кои имаат иновативни идеи да аплицираат во Фондот.
„Фондот за иновации, како што е веќе познато, досега има поддржано над 300 компании, значи има доделено кофинансирани грантови, има поддржано иновативни идеи коишто, нели, прераснале во бизниси и коишто се искомерцијализирани“, нагласи Икономова.
Таа, исто така рече дека ги поттикнува учесниците на овој саем своите иновативни идеи да ги искомерцијализираат, односно да аплицираат на некој од инструментите на Фондот за иновации.
На денешното отворање на третиот Меѓународен саем на пронајдоци, иновации и нови технологии, беше прочитано и писмото на претседателот на Меѓународната федерација на здруженија на пронаоѓачи (IFIA), Алиреза Растегар.
Растегар во писмото истакнува дека Меѓународната федерација на здруженија на пронаоѓачи конечно на 6 јуни 2019 година го доби грантот специјален консултативен статус од Економскиот и социјален совет на ЕКОСОС на Обединетите нации.
Ова, според претседателот Растегар, им дава можност на претставниците на Меѓународната федерација на здруженија на пронаоѓачи да се регистрираат и да земаат учество во официјални настани и активности во седиштето на ОН во Њујорк.