Ekipa
23 Јануари 2017•Ажурирај: 24 Јануари 2017
СЕУЛ (AA) - По неколкумесечната детална истрага, компанијата „Самсунг електроникс“ денес на конференцијата за медиуми одржана во Сеул ги објави причините за проблемите со телефонот „Галакси ноут 7“, како и мерките што ќе бидат преземени за тие да не се повторат, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што се пишуваше претходно, предизвикувач на проблемот е грешка во батериите поради којашто тие претерано се загревале, што доведувало до запалување.
Претседателот на одделот за мобилна комуникација на компанијата „Самсунг електроникс“, Д.Ј. Кох ги сподели деталните резултати од истрагата и изрази жалење и благодарност до корисниците на „Галакси ноут 7“, мобилните оператори, продавачите, дистрибуциските и деловните партнери за нивната трпеливост и за континуираната поддршка.
„Во последните неколку месеци, заедно со независните експерти во индустријата, поведовме темелна истрага за да ја најдеме причината за инцидентите поврзани со ‘Галакси ноут 7’. Денес како никогаш досега сме посветени повторно да ја придобиеме довербата на нашите корисници со помош на иновациите што ќе редефинираат што може да се направи за сигурноста, како и остварување на неограничени можности и неверојатни нови искуства“, изјави Кох.
Покрај Кох, на конференцијата за медиумите присуствуваа и водачите на компаниите „УЛ“, „Експонент“ и „ТУВ Реинланд“, водечки независни групации коишто спроведоа сопствени истражувања за различните аспекти на инцидентот со уредите на „Галакси ноут 7“.
Говорниците разговараа за резултатите од сеопфатното истражување и ги обелоденија новите мерки што „Самсунг“ ги презема за да одговори во врска со случаите. Врз основа на она што компанијата го дозна од истражувањето, „Самсунг“ примени широк опсег на интерни процеси за квалитетот и сигурноста во понатамошно подобрување на безбедноста на производот, вклучувајќи дополнителни протоколи како што се повеќекратните сигурносни мерки и сигурносната проверка на батеријата во осум точки.
„Самсунг“ исто така формираше Советодавно тело за батерии коешто се состои од надворешни советници, академски и истражувачки експерти за да обезбедат да се одржи јасна и објективна перспектива за сигурноста и иновативноста на батериите, беше соопштено од компанијата.