Ercan Doğan
07 Јануари 2019•Ажурирај: 08 Јануари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Турција, Хидајет Туркоглу, остро реагираше на изјавата на Енес Кантер, кошаркар кој игра во НБА и е член на терористичката организација ФЕТО, во која тој вели дека нема да патува во Велика Британија бидејќи се плаши дека неговиот живот е загрозен, пренесува Anadolu Agency (АА).
Туркоглу во пораката на Твитер, објавена на турски, англиски и германски јазик, пишува дека таквата изјава е далеку од реалноста.
„Со згрозување ја примив веста за невистините за Република Турција кои ги изнесува Енес Кантер, познат по својата лојалност на водачот на ФЕТО, и неговата изјава дека „нема да присуствува на натпреварот на неговиот тим во Лондон поради тоа што се плаши дека Турција ќе го убие“. Знаеме дека тој поради проблеми со визата од 2017 година не може да патува во многу земји“, наведе Туркоглу.
Тој истакна дека Кантер поради проблемите со пасошот и визата не можел да влезе во Велика Британија, а не поради стравот за својот живот, како што тврдеше Кантер.
„Додека тоа веќе е одамна познато, споменатото лице се обидува да го сврти вниманието на јавноста со неразумни изговори и политички пораки. Ваквите изјави се пример на кампања на политичко клеветење која Кантер ја води против Турција, како и неговите обиди себеси да си придаде значење за да ги прикрие контрадикторностите во својот спорски живот. Не само тоа што Кантер со неоправдани изјави ја обвинува Република Турција, правна држава, туку ги нагласува и слабостите на британските сили за безбедност, а се обиде да ги поткопа и турско-британските односи. Јасно е дека изјавите на ова лице се ирационални и дека не соодветсвуваат со вистината“, заклучи Туркоглу.