Hanife Sevinç,Sefa Mutlu,Halil İbrahim Başer
21 Април 2016•Ажурирај: 22 Април 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Денес и официјално е поставена и последната плоча на висечкиот заливски мост „Осман Гази“ на источниот крај на Мраморното Море, кој е четврти најдолг мост во светот, со оглед на должината на неговиот среден распон, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, премиерот Ахмет Давутоглу и министерот за сообраќај, поморство и комуникации Бинали Јилдирим, денес учествуваа во поставувањето на последната плоча на мостот кој потсетува на „Golden Gate“, еден од симболите на Сан Франциско.
Tурскиот претседател и премиер заедно ги заштрафија последните матици во плочата со што се составени краевите на висечкиот заливски мост „Осман Гази“.
Ердоган во таа пригода потсети дека станува збор за мост кој сочинува само еден дел од делницата на автопатот Истанбул-Бурса-Измир, а кој со својот изглед претставува чудо на модерната архитектура.
„Навистина се гордееме со мостот, кој е четврти најдолг мост во светот“, рече Ердоган изразувајќи надеж дека мостот ќе биде корисен не само за Турција туку и за целиот свет.
„Ова е економија. Економијата треба да се сфати на овој начин. Со вакви инвестиции времето го претвораме во пари“, истакна Ердоган.
На церемонијата на поставување на последната плоча на мостот, кој ги спои бреговите на измитскиот залив, присуствуваа голем број членови на турската Влада.
Висечкиот мост помеѓу градовите Гебзе и Јалова, преку Мраморното Море ја чини делницата од автопатот Истанбул-Бурса-Измир. Неговиот среден распон е 1.550 метри а вкупната должина на мостот е 2.682 метри.
Се предвидува дека мостот ќе го скрати сегашното времетраење на патувањето од 9.5 часа на само три часа.
Изградбата на целата делница од автопатот Истанбул-Бурса-Измир ќе чини околу девет милијарди долари. Денес е отворена делницата на автопатот во должина од 40 километри на која се наоѓа и висечкиот мост „Осман Гази“. Изградбата на автопатот Истанбул-Бурса-Измир ќе биде завршена до 2018 година.