АНКАРА (АА) - Според извештајот за Глобална хуманитарна помош 2017, Турција е втората земја според донираната хуманитарна помош минатата година, јавува Anadolu Agency (AA).
Дирекцијата за управување со кризи и вонредни состојби (АФАД) објави писмено соопштение во коешто се наведува дека според извештајот за Глобална хуманитарна помош 2017, кој беше објавен денес, Турција со донираната хуманитарна помош во висина од 6 милијарди долари, за земјите на коишто таа им е најпотребна, се наоѓа на второто место зад САД, кои во изминатата година дале хуманитарна помош во висина од 6,3 милијарди долари.
Турција, издвојувајќи 0,75 отсто од својот национален доход, уште еднаш ја зазеде позицијата на „најдарежлива земја“ во светот.
Секоја година, организацијата „Иницијатива за развој“, со седиште во Британија, ја исцртува светската карта на земји што даваат хуманитарна помош. Денес беше објавен 17. Глобален извештај за хуманитарна помош. Според извештајот, во 2016 година, меѓу земјите што дале најголема меѓународна помош, Турција се најде на второто место зад САД. По Турција следат Велика Британија, институции на ЕУ и Германија.
Турција во 2014 година донираше хуманитарна помош во висина од 3,2 милијарди долари, додека во изминатата година донациите се речиси двојно зголемени и изнесуваат 6 милијарди долари.
Хронолошки гледано, според извештајот на Глобалната хуманитарна помош за 2013, 2014 и 2015 година, Турција трипати едноподруго е трета земја според донираната помош, а минатата година стана втора земја во светот.
- Најдарежлива земја
Со одбитоци од 0,75 отсто од бруто-националниот доход, Турција го држи приматот на најдарежлива земја во светот. Според бруто-националниот доход, Турција е земја што дава најголема помош во светот. Со 0,18 отсто следуваат Обединетите Арапски Емирати, а со 0,15 на третото место се наоѓа Луксембург.
- Дваесет отсто од светската помош е доделена од страна Турција
Во извештајот, меѓу другото, се наведува дека вкупната донирана хуманитарна помош во светот за 2015 година изнесувала 25,7 милијарди долари, додека во 2016 година таа го достигнала нивото од 27,3 милијарди.
Со донирана хуманитарна помош од 6 милијарди долари, изминатата година Турција учествуваше со повеќе од 20 отсто во вкупната светската хуманитарна помош.
- Најголема помош за Сирија
Најголема хуманитарна помош во висина од 2,14 милијарди долари е донирана за Сирија. Потоа доаѓа Јемен, со помош во висина од 1,5 милијарди долари, Јордан со 956 милиони долари, Јужен Судан со 935 милиони долари и Ирак со 888 милиони долари.
Без да прави верска, јазична и расна дискриминација, Турција уште од почетокот ги отвори своите врати за жртвите од кризата во Сирија, а денес е земја домаќин на најголем број бегалци во светот. Во формираните 23 центри за згрижување, координирани од страна на АФАД, Турција за Сиријците што бегаат од војната ги покрива сите нивни потреби и им овозможува нов живот.
Во центрите за згрижување, покрај задоволувањето на основните потреби за згрижување и здравствена заштита, АФАД на бегалците им овозможува посета на курсеви за обука, како и кампањи за издигнување на свеста кај бегалците поврзани со раното стапување во брак.
Со цел да им помогне да заздрават раните на сириските бегалци и тие повторно да добијат желба за живот, Турција досега потроши повеќе од 25 милијарди долари во спроведувањето на стандардите на Обединетите нации. Придонесот на меѓународната заедница во оваа жртва на Турција изнесува 526 милиони долари.
- За 6 години, помош за 52 земји
Во последните 6 години, АФАД донираше помош за жртвите и обесправените во 52 земји од светот. Во 2016 година им помогна на поплавените Македонија, Мозамбик и во Судан, потоа во Еквадор, кој беше погоден од катастрофален земјотрес, Јемен и Сомалија зафатени од граѓанска војна, на Хаити, зафатен од ураган и беше надеж за помош за оние што се во тешка положба и на кои им е потребна хуманитарна помош во Ирак, Сирија и во Палестина.