АНКАРА (АА) - Зехра Улуџак -
Уделот на старите лица во вкупното светско население, рапидно се зголемува во последните децении. Според податоците од 2017 година, во светот живеат 962 милиони луѓе постари од 60 години, што е 13 отсто од вкупниот број жители, пренесува Anadolu Agency (AA).
Податоците на Одделот за економски и општествени прашања на Обединетите нации (UN DESА) покажуваат дека бројот на луѓе од 60 години и повеќе, во 1980 година изнесувал 382 милиони. Во 2017 година изнесувал 962 милиони, а две од три лица живееле во подрачјата во развој.
Во 2017 година секое осмо лице имало 60 години и/или повеќе, а се претпоставува дека во 2020 година, оваа возраст ќе се однесува на секој петти човек.
Минатата година, 80 или повеќе години имаа 137 милиони луѓе, а се претпоставува дека овој број во 2050 година ќе изнесува 452 милиони.
Исто така, се претпоставува дека до 2050 година, бројот на старите лица ќе изнесува 2,1 милијарди и дека до 2030 година ќе биде поголем од бројот на деца, на возраст до 9 години, односно до 2050 година од младите на возраст помеѓу 10 и 24 години.
Податоците покажуваат дека во 2017 година во Африка живееле 68,7, во Азија 549,2, во Европа 183, во Северна Америка, 78,4, во Латинска Америка и Карибите, 76, а во Океанија, 6,9 милиони луѓе со 60 и повеќе години.
Во Африка, во 2050 година, бројот на населението над 60 години, би можело да достигне речиси 226 милиони, а во Латинска Америка и Карибите, 198 милиони.
Во Азија истата година, бројот на луѓе со 60 години и повеќе, би можел да достигне 1,3 милијарди, а во Европа, 247,2 милиони. Се претпоставува дека во Северна Америка во 2050 година, бројот на стари лица ќе изнесува 123 милиони, а во Океанија, 13,3 милиони.
Во 2050 година, осум од десет стари лица ќе живеат на подрачјата во развој и ќе бројат 1,7 милијарди.
Истата година, луѓето, на возраст од 60 и повеќе години, ќе сочинуваат 35 отсто од популацијата во Европа, 28 во Северна Америка, 25 отсто во Латинска Америка и Карибите, 24 во Азија, 23 отсто во Океанија и 9 во Африка.
Податоците собрани од 143 земји и подрачја, покажуваат дека 2,3 отсто од луѓето на возраст од 60 години и повеќе, живеат сами или со брачниот другар, додека тој процент во Холандија изнесува 93,4.
И во Африка и во Европа бројот на постарите жени што живеат сами е двојно поголем од бројот на постари мажи.
Во Авганистан, Таџикистан и Пакистан, 90 отсто од луѓето на возраст од 60 и повеќе години, живеат со децата, а во Холандија и Германија овој процент е помал од десет.
Во септември минатата година, порталот „Јапонија Тајмс“ (Japan Times) објави дека во Јапонија живеат 2,06 милиони луѓе, постари од 90 години. Податоците на ОН за 2017 година покажуваат дека 33,4 отсто од вкупното население во Јапонија се состои од луѓе постари од 60 години. Следува Италија со 29,4 отсто, Германија со 28, Португалија со 27,9 и Финска со 27,8 отсто.