İlkay Güder
13 Март 2018•Ажурирај: 13 Март 2018
АНКАРА (AA) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во документарниот филм „Gurbet Kuşları“ (Птиците на гурбет), зборуваше за неговите доживувања во периодот на постмодернистичкиот државен удар во Турција. Во филмот е прикажан животот на луѓето кои биле цел на неправди за време на периодот од 1997 година, познат како случај „28 февруари", за луѓе кои биле присилени да живеат како на гурбет (во туѓина) од различни причини, јавува Anadolu Agency (AA).
Турската радио-телевизија (ТРТ) соопшти дека премиерата на документарниот филм „Птиците на гурбет“, кој како тема го има државниот удар од 28 февруари, се одржала синоќа во претседателската палата.
Во документарниот филм „Птиците на гурбет“ се снимени приказни за луѓето кои се чувствувале бизарно и презрено од својата земја, приказни за проблемите со кои се соочувале луѓето што биле дискриминирани поради идеите и верувањата, особено поради шамијата која претставувала сериозен проблем, односно приказни за 28 февруари - денот кога се случил постмодернистичкиот државен удар во Турција.
Претседателот Ердоган, кој исто така зборува во документарниот филм даде примери за жртвите на неговата фамилија, со тоа што раскажа за антидемократската практика од 28 февруари.
- „Во тага го минаа речиси целиот свој живот“
Во документарниот филм учествуваат претседателот Реџеп Таип Ердоган и сведоци и жртви од тој период, кои страдале од неправди, и биле принудени да живеат како во некоја туѓа земја.
Во документарецот, претседателот Ердоган зборуваше за копнежот за децата во тој период:
„Многу фамилии копнееја, исто како јас и мојата сопруга. Родителите што ги испратија децата го чекаа нивното враќање. Тие штo не ги испратија нивните деца да учат факултет беа тажни поради тоа и речиси целиот свој живот го минаа во тага. Ставањето крај на неправдата го ослободи и народот“.
Во документарниот филм се дадени следните ставови на претседателот Ердоган:
„Многу од нашите ќерки не успеаја да завршат високо образование поради тоа што беа покриени. Се сеќавам на деновите кога беа тепани со пендреци од полицајците. Се сеќавам на деновите кога им ги тргаа шамиите од глава и ги тераа да влезат во училиште. Претседателите на државите ме прашуваа зошто моите ќерќи и мојот cин учат во Америка? Мојот одговор беше дека, за жал, моите ќерки немаат право да учат во нашата земја затоа што веруваат“.
- Заврши 22-часовното интервју и снимање
Документарниот филм „Птиците на гурбет“ е во траење од 80 минути, а е сниман година и пол. Завршен е по 22 часа интервјуа и снимање на 20 симболични имиња од тој период, од кои едно е и претседателот на Турција, Ердоган.
Документарниот филм, напишан и режиран од авторот и сценарист Сервет Ајдемир, наскоро ќе биде емитуван на „ТРТ“. Се планира филмот да биде прикажан на многу места и фестивали во земјата и странство.
Советот за национална безбедност на Турција на 28 февруари 1997. година донесе низа одлуки кои неретко се нарекуваат постмодерен воен удар на владата на тогашниот премиер на Турција Неџметин Ербакан и тогашната шефица на турската дипломатија Тансу Чилер.
Спорниот меморандум на воениот врв на Турција усвоен е 1997. година резултираше со влијание на војската во извршната власт и колапс на владата на чие чело беше тогашниот премиер Ербакан.
Ербакан пред оставката беше приморан да потпише сет реформи кои, помеѓу останатото, вклучуваа забрана на пристап до јавните институции и универзитети за жените со марами и затворање на верски училишта. Тоа резултираше со фактот што голем број девојки од Турција беа приморани поради студирање да ја напуштат земјата.