СКОПЈЕ (АА) – ЏУНЕЈТ ДАВУТ
Хели и Карла, кои случајно се запознале во Истанбул, излегле на долго патување за да соберат помош за образованието на бегалските деца.
Хели од Естонија, која со програмата за размена на студенти Еразмус дошла да студира во Истанбул, и Карла од Италија, која по завршувањето на високото образование дошла во Анкара за да се занимава со „интересни“ работи, патувајќи организираат различни активности за образованието на бегалските деца.
Хели, во разговор за Anadolu Agency (AA), вели дека со Карла случајно се запознале на концерт во истанбулската населба Бешикташ, во месец април, и дека оваа идеја се појавила таму.
„Некој го оставил на улица овој кауч, близу местото каде што се одржуваше концертот. Прво помислив каучот да го земам за дома. Но Карла рече да размислиме на колку места би можеле да одиме со кауч“ изјави Хели.
Хели вели дека прво им било чудно да патуваат со кауч поради тоа што многу привлекувале внимание, па продолжи: „Затоа размисливме каучот да го дизајнираме така што ќе биде попрактичен“.
Нивната рута Хели ја опиша со зборовите: „Тргнавме од Анкара, па Бурса, Александрополис, Солун, Гевгелија, и сега одиме за Скопје. Низ 13-те држави ќе патуваме авто-стоп заедно со каучот“.
Хели истакна дека избрале кауч за да биде симбол на угостителството и затоа што тој претставува парче мебел на којшто семејствата можат заедно да разговараат. „ Целта ни е во секој град и во секоја држава да им објасниме на луѓето дека и бегалците се луѓе и дека не треба да се стравува од нив“.
Двете другарки со овие активности на патување имаат за цел кај луѓето да ја разбудат чувствителноста кон бегалските деца, да соберат помош за нив и да разговараат за другите држави да обезбедат услови за образованието на бегалските деца.
„Ние сме членови на една група (организација) во Анкара, којашто за бегалските деца гради мостови и за нив организира различни активности. Додека бев во Анкара, волонтерски учествував во активности и со некои пријатели почнавме да ги посетуваме бегалците со цел да им ги дознаеме проблемите и маките што ги имаат.
Карла истакна дека за образованието на децата, првиот чекор бил давање курсеви по турски, арапски и англиски јазик, и рече дека биле поддржувани и од општината Кечиорен, во Анкара.
Карла вели дека ваквите активности ги организирале заедно со странските и со турските волонтери, и додаде дека организацијата „Софа солушн“, во која и самите се членови, била формирана за организирање активности за бегалците во Анкара и општо, за бегалски активности.
„Сакаме да ги прашаме луѓето во Европа за тоа што размислуваат за оваа тема, бидејќи темата со бегалците е многу сериозна тема, дури и покрај тоа, луѓето не разговараат за неа“, рече Карла и нагласи дека преку активноста на патување, за образованието на бегалските деца собирале секаков вид помош, поддршка, донирани средства и според собраните средства го зголемувале бројот на децата во образование.
Карла рече дека моментално, на 66 бегалски деца им обезбедуваат образование.
„За да ја зголемиме оваа бројка, планот ни е да одиме и во Србија, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Хрватска, Италија, Словенија, Босна и Херцеговина и во Австрија. Исто така, секој ден ќе бидеме во различни градови. За во текот на оваа активност и ние да бидеме поддржувани, во контакт сме со локалните организации“, вели таа и додаде дека во Македонија биле поддржувани од страна на хуманитарната организација ЛЕГИС.
Во градовите во коишто ќе одат, ќе им објаснат на луѓето како можат да им помогнат за образованието на бегалските деца.
Хели откри дека на патувањето се соочиле и со тешкотии: „Во Александрополис чекавме долго време, околу два и пол часа. Во близината на Чанаккале еднаш нè застана полиција, но кога им кажавме за нашата мисија, без проблем нè пушти".
Хели рече дека имале мака со храната и жедта, и бидејќи пеш не можеле да ги преминат границите. Затоа имале „интересни“ чекања некој да ги превезе за да ја преминат границата.
На крајот од разговорот, Хели додаде: „Во Турција многу e лесно да се патува авто-стоп, меѓутоа во другите држави луѓето не се толку отворени и затоа повеќе губевме време во наоѓање возило што ќе нè одведе. Еден од проблемите ни беше патувањето под сонце“.