Meryem Göktaş
27 Август 2018•Ажурирај: 27 Август 2018
АНКАРА (АА) - Обединетите нации (ОН) денес повикаа на истрага и процесуирање на воениот врв на Мјанмар поради геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства врз Рохинџа муслиманите, јавува Anadolu Agency (AA).
Според извештајот од Независната меѓународна мисија на ОН за утврдување факти во Мјанмар, прекршувањата на човековите права и злоупотребите сторени во Качин, Ракајн и Шан треба да се истражат од Меѓународниот кривичен суд.
Во извештајот, исто така, се вели дека се бара процесуирање и на началникот на Генералштабот, Мин Аунг Хлаинг.
„Воените обврски никогаш не можат да бидат оправдување за неселективно убивање, масовно силување жени, напади на деца и палење цели села. Кога ќе се погледнат моменталните безбедносни закани, особено во Аракан, видливо е дека тактиките на Мјанмарската војска „Тамадо“ се грубо неразмерни и прекумерни“, се наведува во извештајот.
Во извештајот се додава дека злосторствата против човештвото извршени врз Рохинџа муслиманите вклучуваат убиства, силување, сексуално ропство и други форми на сексуално насилство.
„Злосторствата во Аракан и начинот на кој се извршени, се слични по природата, начинот и обемот на оние што дозволиле таквата геноцидна намера да се воспостави и во други контексти“, се вели во извештајот.
Според извештајот, државната советничка Аунг Сан Су Чи не ги спречила злосторствата против Рохинџа муслиманите.
„Државната советичка Аунг Сан Су Чи не ја искористи де факто позицијата како шеф на Владата, ниту нејзиниот морален авторитет, за да ги спречи настаните во Аракан“, пишува во извештајот.
Во соопштението се додава дека мјанмарската Влада и Војската „Тамадо“ постигнале услови во кои говорот на омраза и прекршувањата на човековите права се легитимизирани, а поттикнувањето дискриминација и насилство олеснети.
„Мора да има иницијатива за одговорност од страна на меѓународната заедница“, се вели во извештајот.
Според официјалните податоци и извештаи на ОН, Рохинџа муслиманите се најзагрозено малцинство во светот. Рохинџа муслиманите немаат своја држава и нивните права значително се ограничени.
Од 25 август 2017 година од Аракан во Бангладеш избегаа над 750.000 лица. На сателитските снимки од меѓународните организации за заштита на човековите права може да се види како се уништени неколку стотици села.
Муслиманското малцинство Рохинџа е дефинирано од страна на ОН како најугнетуван народ, што се соочува со голем страв од напади откако десетици беа убиени во општите нереди во 2012 година.
ОН досега документираше масовни силувања, убиства, вклучувајќи и убиства на бебиња и мали деца, брутално претепување и исчезнувања што ги извршија припадниците на безбедносните сили.