Ivana Ramadanova
07 Мај 2018•Ажурирај: 08 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Македонија од годинава преку државниот буџет ги презеде финансиските обврски и обезбеди 90 милиони денари за инвестирање и имплементација на превентивните ХИВ-програми и превентивните програми за туберкулоза, истакна министерот за здравство на Македонија, Венко Филипче, на денешното отворање на состанокот на министрите за здравство на Југоисточна Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Филипче пред присутните истакна дека активностите од програмата за ХИВ се спроведуваат континуирано, како и досега, во соработка со 15 граѓански организации и организации на засегнатите заедници од земјата.
„Овие прашања не треба да зависат од политичката волја бидејќи се прашања за основните човекови права. Затоа покрај финансирање, потребни се одржливи и стабилни механизми, соодветно приспособување на легислативата не само во делот на финасиската одржливост на овие програми, туку и во обезбедување поддржувачка средина и заштита на човековите права за да не биде никој изоставен“, истакна Филипче.

Тој потенцираше дека Македонија има исклучително ниска стапка на лица инфицирани со ХИВ, дури и кај најризичните групи, додавајќи дека тоа се должи на исклучително добрата соработка меѓу владиниот и невладиниот сектор, кој според него, има огромно искуство и директен контакт со најризичните групи.
Аида Куртовиќ, претседателка на Управниот одбор на Глобалниот фонд од Женева, кажа дека целта на дводневниот состанок е осумте земји од Југоисточна Европа да изнајдат начин како со заеднички сили и напори да се направи повеќе во борбата против ХИВ и како оваа болест да се држи на ниско ниво.
Куртовиќ потенцираше дека тоа што состанокот на Глобалниот фонд годинава се одржува во Скопје е признание за Република Македонија за нејзината лидерска улога и големата работа што е направена овде, не само со невладините организации, туку во одржливоста на програмата за борба против ХИВ, СИДА и туберкулоза.
На бордот на Глобалниот фонд, покрај министри учествуваат и заменици-министри за здравство и државни секретари во ресорните министерства од Бугарија, Романија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Молдавија, Косово, Албанија и Србија.
Одлуката да се одржи овој состанок во Македонија Управниот одбор на Глобалниот фонд ја донел едногласно, токму поради тоа што земјата досега успешно се справила со овој предизвик и поради ниската стапка на ХИВ.