Bekim Laci
26 Ноември 2015•Ажурирај: 26 Ноември 2015
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје започна дводневната меѓународна конференција на тема Предизвици и перспективи во локалниот и ргионалниот развој- Децентрализација и ЕУ пристапување, на која ќе бидат презентирани искуствата на земјите од регионот и имплементација на политиките за регионален и локален развој, јавува Anadolu Agency.
Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани на отворањето на конфреренцијата рече дека Република Македонија и земјите од регионот имаат многу заеднички теми, меѓу нив и создавањето подобри услови за граѓаните.
" Политиките за регионален и локален развој, Република Македонија ги гради врз ангажманот за члество во ЕУ при што зад себе има десетгодишен процес на децентрализација" , рече Шабани, кој напомена дека Охридскиот Рамковен договор е придобивка за државата од која извира самата децентрализација во Македонија.
Вицепремиерот во Владата на Република Македонија за имплементација на Рамковниот договор, Муса Џафери, потенцираше дека оваа конференција ќе даде свој придонес за отворање на перспективите за локален и регионален развој.
"Европските искуства се најдобриот показател дека децентрализацијата е многу значаен фактор за локален и регионален развој. Ова најдобро се гледа кога правиме компаративни анализи со другите земји при што согледуваме дека помага за развој на демократијата и излегување од кризите со кои се соочуваат" , изјави Џафери.
Претседателот на ЗЕЛС, Коце Трајановски, рече дека децентрализацијата и европските перспективи претставуваат две полиња кои не соединуваат во кои Македонија има десетгодишно искуство при градење партнерство меѓу локалната и централната власт.
"Децентрализацијата во Македонија датира од 2005 и оваа конференција претставува добра можност да ги анализираме достигнувањата и предизвиците со кои сме се соочувале, но исто така ќе ни служат како показател за во иднина" рече Трајановски.
Претставничката на УНДП Луиза Витон, за самата конференција истакна дека се надева дека ќе создаде мрежа на соработка и комуникација меѓу земјите од регионот. За самиот процес на децентрализацијата, таа рече дека треба да им служи на граѓаните, а не обратно.
“Во случајот на Македонија, децентрализацијата служи како алатка со која се докажува дека разните етникуми ја чинат оваа земја богата и дека можат да коегзистираат во хармонија" , изјави Витон, која додаде дека во последните дест години има позитивни трендови на трансфер на доброто владеење на локално ниво.
На денешниот попладневен дел на конференцијата и во текот на утрешниот ден, учесниците на регионалната конференција ќе дискутираат за процесот на децентрализација и одржлив развој, регионалниот развој во перспектива на ЕУ, одржливиот развој преку поттикнување на социјалниот бизнис и ред други теми кои имаат за цел унапредување на меѓуоппштинската соработка во регионот.