Selman Tür
07 Октомври 2018•Ажурирај: 08 Октомври 2018
ПАЛУ (АА) - Бројот на загинатите лица по земјотресот и пoследователното цунами на индонезискиот остров Сулавеси е зголемен на 1.763, а спасувачките екипи и понатаму ги пребаруваат уништените населби, јавува Anadolu Agency (AA).
Агенцијата за управување со вонредни состојби во Индонезија (BNPB) соопшти дека спасувачките екипи досега пронашле тела на 1.763 загинати лица, а портпаролот на оваа агенција, Сутопо Пурво Нухрохо, изрази загриженост дека билансот на загинатите би можел значително да се зголеми, со оглед на тоа што голем број населби сѐ уште не се пребарани.
Истиот извор јавува дека надлежните служби погребале 1.755 жртви и дека новопронајдените тела ќе бидат веднаш погребани.
Повеќе од 2.600 лица се повредени за време на земјотресот кој на 28 септември го погоди островот Сулавеси и предизвика цунами, чии бранови достигнаа височина и до шест метри.
Според прелиминарните извештаи на Агенцијата за управување со вонредни состојби, за време на катастрофата се оштетени повеќе од 70.000 станбени објекти и училишта, а речиси 63.000 лица се згрижени во шаторски населби.
Во истите извештаи се наведува дека станува збор за материјална штета која во прелиминарната верзија достигнува 658 милиони долари. Конечната штета би можела значително да се зголеми.
Спасувачките екипи во најтешко погодените градови Палу и Донгала се состојат над 7.000 војници и полицајци.
Помош за загрозеното население пристигна од Турција, Австралија, Нов Зеланд и од други земји.
Репортерот на АА разговараше со челникот на Пакистанската хуманитарна фондација „Алхидмат“, Џалил Хасан, кој ја повика меѓународната заедница да помогне повеќе.
Тој изјави дека бил во голем број места погодени од земјотреси низ светот, но дека сцени слични на оние во Палу сѐ уште не видел.
„Илјадници безживотни тела се наоѓаат и понатаму под свлечиштата и урнатините. Сите патишта буквално се пропаднати во земја. Ги повикуваме сите хуманитарни организации да помогнат, а особено оние од исламскиот свет да пратат средства од зекатот“, порача Хасан.
И претставникот на Турската хуманитарна организација „Џансују Бајрам“, Нуман Коксал, изјави дека ситуацијата е многу алармантна и дека на граѓаните им е потребна итна помош.
„Невозможно е да се опише оваа состојба со зборови. Потрагата по жртвите е во тек. Многу луѓе настрадаа и останаа под земја и под урнатините. Буквално сите објекти се поместени од место и се потрупани со свлечишта и наноси од кал“, изјави Коксал.