Senada İbraimova
31 Март 2017•Ажурирај: 01 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) – Од 4. до 10. април, на Скопскиот саем ќе се одржи 29. Меѓународен саем на книгата, 20. Меѓународен саем за образование и кариера и 7. Меѓународен саем за туризам – Скопје травел маркет 2017. Настанот се одржува во организација на Скопски саем, во соработка со Македонската асоцијација на издавачи, Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (ЗИКМ) и Здружението на албанските издавачи од Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
На овој 29. Меѓународен саем на книгата, за љубителите на пишаниот збор ќе бидат достапни повеќе од 80 издавачи, со над 80.000 книги од домашни и од странски автори, со современи и класични литературни дела, стручна, научна литература и белетристика, учебници, енциклопедии, како и дела од областа на културата и уметноста.
На денешната средба со новинарите, организаторите на овој саем информираа дека саемот на книгата ќе се одржи во Метрополис Арена (хала 1) и хала 2, а во втората хала се организирани дваесеттите по ред Денови на образованието и кариерата, каде што на младите и на другите заинтересирани ќе им биде овозможено да добијат точна и брза информација за нивните интереси од областа на студиските програми на високообразовните институции во државата и во странство, како и информации за вработување и развој на кариерата.
Седмиот меѓународен саем за туризам – Скопје травел маркет 2017, ќе може да се посети во третата хала на Скопскиот саем. На овој саем ќе се претстават туристички агенции, хотели и туроператори од Македонија и од регионот.
И годинава, на овој саем, веќе по седми пат Република Турција ќе биде претставена преку Канцеларијата за туризам и култура на Турција во Република Македонија, каде што на својот штанд претставниците ќе ја изложат својата понуда како културна и туристичка дестинација.
Во рамките на овој саем, во промотивниот центар во хала 2 ќе се одржат повеќе од 60 промоции на нови дела и автори, многубројни дебати и трибини, како и доделување на награди.
Годинава за првпат, на Саемот на книгата во хала 2 ќе биде претставена литературата за деца и млади, а во посебен дел од халата ќе биде адаптирано детско катче/игротека, каде што најмладите ќе можат да се едуцираат и да се забавуваат со програмата на промоции на детски изданија, креативни работилници и со други активности, велат организаторите.
Свечното отворање на Саемот на книгата ќе се одржи в понеделник (3. април) во 19.00 часот, а за посетителите, саемот ќе биде отворен од 4. до 10. април, од 10 до 20 часот.
Саемот за туризам – Скопје травел маркет и Деновите на образование и кариера, ќе се одржуваат во периодот од 6. до 8. април, од 10 до 20 часот.
За сите саеми, цената на влезницата за посетителите е 30 денари, а за организираните групни посети цената изнесува 20 денари од посетител.
Саемот се одржува во организација на Скопски саем, во соработка со Македонската асоцијација на издавачи, Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (ЗИКМ) и Здружението на албанските издавачи од Македонија.