Zülfiya Yakup
01 Декември 2015•Ажурирај: 01 Декември 2015
ПРИШТИНА (АА) – Со заедничка операција на косовската и италијанската полиција, денес во Косово е уапсено едно, а во Италија две лица, во врска со кривични дела поврзани со тероризмот, јавува Anadolu Agency (АА).
Истовремено, во Косово е извршен претрес на една, а во Италија на четири локации, кажано е на конференцијата за новинари одржана во Директоријатот за борба против тероризмот, во рамки на Косовската полиција.
На конференцијата на медиумите им е прикажана и видео снимка од акцијата за контрола на локацијата и приведување на осомничените лица во Косово.
Капетанот Луан Кека од Директоријатот за борба против тероризмот, рече дека до апсењата е дојдено по повеќемесечна истрага под раководство на Специјалното обвинителство на Косово и во соработка со Секторот против тероризмот, во рамките на Дивизијата за општа истрага и специјални операции на округот Бреша (Brescia), во Италија.
Кека рече дека во едно косовско село, во општина Хан и Елези (поранешен Генерал Јанковиќ), уапсен е маж стар 44 години, државјанин на Косово, кој се сомничи за кривично дело според Законот за спречување на придружување во вооружени судири надвор од земјата.
Истакна дека на уапсениот му е одреден 48-часовен притвор, а дека во текот на контролата запленети се, во својство на доказен материјал, две парчиња огнено оружје, пиштол и пушка од типот Карабин, како и одредена електронска опрема и други предмети кои може да се поврзат со случајот.
Кека, одговарајќи на прашањата на новинарите, рече дека уапсениот патувал надвор од земјата, но дека Косовската полиција нема информации дали истиот патувал во Сирија и Ирак, и дека деталите за денешната акција ќе бидат објавени во следните денови.
Кека кажа дека во Косово досега уапсени се околу 100 лица кои се гонат за кривични дела поврзани со тероризмот, кои се во различни фази на истрага, а против некои е подигнато и обвинение. Тој, исто така, наведе дека првиот Косовар, кој заминал да се бори во Сирија, заминал во средината на 2012 година, а досега на странските боишта загинале 50 Косовари.
„Се смета дека околу 300 припадници од Косово отпатувале таму. Меѓу нив има жени и деца, но и други кои се сметаат за борци. Моментално таму има околу 80-тина“, рече Кека.