Diyar Güldoğan
03 Март 2018•Ажурирај: 04 Март 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Турција сака да чекори со Африка, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Сакаме да чекориме со Африка додека се воспоставува нов светски поредок“, порача Ердоган на социјалната мрежа Твитер, по турнејата во четирите африкански земји.
Тој нагласи дека имал продуктивни разговори и остварил контакти во Алжир, Мавртитанија, Сенегал и Мали. Рече дека Алжир го гледа како 'остров на политичка и економска стабилност во регионот'.
„Ќе го зголемиме нашето пријателство во сите области и ќе дојдеме до подобри точки, особено во смисла на инвестиции“, изјави Ердоган.
Тој додаде дека Анкара планира да реализира заеднички проекти со Мавританија во областите на здравство, земјоделство, медиуми и хуманитарна помош.
„Додека нашиот приватен сектор ги зголемува инвестициите во Мавританија, имаме за цел да ги развиваме нашите односи засновани на 'win-win' принципот“, нагласи турскиот претседател.
Ердоган исто така изјави дека подобрувањето на политичките и економски односи со Сенегал е еден од приоритетите на Турција. Тој истакна дека е важно Турција да го балансира обемот на трговија со Африка, но и да го зголеми.
„Подготвени сме да направиме се што можеме за политичката и економска стабилност на Мали, земја која прв пат ја посетив на претседателско ниво, а покрај тоа ќе го зајакнуваме нашето братство обновувајќи ги културните и трговски врски“, изјави Ердоган.
На крајот, турскиот претседател нагласи дека за време на посетата на Африка бил топло пречекан, и додаде:
„Ја сакаме Африка и нашите африкански браќа без никакви резерви“.