Nilay Kar
30 Септември 2018•Ажурирај: 01 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Турција е подготвена да ѝ помогне на Индонезија да ги залечи своите рани, предизвикани од силниот земјотрес и цунамито, јавува Anadolu Agency (AA).
Во порака на социјалната мрежа Твитер, Ердоган напиша: „Се молам за нашите браќа и сестри кои загинаа во земјотресот и цунамито во Индонезија, на ранетите им посакувам брзо оздравување и упатувам најдлабоко сочувство до народот од Индонезија.“
„Турција е подготвена да стори сѐ што е во нејзина моќ да ѝ помогне на Индонезија да ги залечи своите рани“, додава Ердоган.
Oд националната Агенција за справување со катастрофи денес истакнаа дека билансот на загинати од петочниот земјотрес со магнитуда од 7,7 степени и од цунамито на индонезискиот остров Сулавеси се зголеми на 832 лица.
Во текот на изминатите два месеца, уште три земјотреси со магнитуда од 6,3, 6,9 и 7 степени го погодија источниот остров Ломбок, во кои животот го загубија вкупно 563 лица.
Индонезија лежи во т.н. „Огнен прстен“ во Тихиот Океан, каде што тектонските плочи се судираат и предизвикуваат честа сеизмичка и вулканска активност.
На 26 декември 2004 година, источниот брег на Суматра го погоди земјотрес со магнитуда од 9,1 степен, што предизвика цунами кое ги зафати бреговите на Шри Ланка, Индија, Малезија, Индонезија и Тајланд, и во кое загинаа околу 230.000 лица.