АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на состанокот на Акциониот план, со јавноста ги сподели „целите во првите 100 дена“ од формирањето на Претседателскиот кабинет, јавува Anadolu Agency (AA).
„Среднорочната програма планираме да ја презентираме кон крајот на август. Започнавме со работите за Стратешкиот план за периодот 2019 - 2023. Планираме ова да го завршиме до крајот на ноември“, рече Ердоган на овој состанок.
„Во првите 100 дена ќе се реализираат над 1.000 проекти, од кои 400 ги сметаме за приоритетни и важни, и ги ставивме во Програмата. Овие 400 проекти, кои ќе се реализираат во првите 100 дена со буџет од 46 милијарди лири, ќе бидат поттикнувачката сила на новиот период. Даваме особено значење на проектите од одбранбената индустрија. Од вкупно 400 проекти во нашата Програма, 48 се од одбранбената индустрија“, нагласи Ердоган.

Турскиот претседател Ердоган истакна дека што и да се случи, нема да се откажат од проектите од одбранбената индустрија. Ердоган потсети дека постигнале значителен напредок во насока на брзо отстранување на штетата предизвикана во турскиот правосуден систем од страна на терористичката организација ФЕТО.
„Очекуваме заедничките активности со САД околу Мунбич, да продолжат без да влијаат другите проблеми меѓу нас“, посочи Ердоган, нагласувајќи дека јавните ресурси од околу 40 милијарди лири, ќе бидат менаџирани на една сметка, и ќе се оствари дополнителен годишен приход од 3-4 милијарди лири. Според него, на 29 октомври ќе се отвори новиот аеродром во Истанбул, а ќе завршат и евалуациските работи на проектот „Истанбулски канал“.
Меѓу другото, Ердоган нагласи дека ќе се отвори тендер за изградба на трикатниот голем Истанбулски тунел, со моделот „изгради-оперирај-трансферирај“. „Ќе се одредат 35 нови земји и градови во кои ќе може да се отворат трговски центри на Турција, со цел зголемување на трговскиот обем“, додаде тој. Тој информираше дека во претседателскиот комплекс ќе се изгради систем за извршување, планирање и следење на проекти.
„Во 2023 година ќе се отвори првата единица на нуклеарната централа „Аккују“, а ќе продолжат и работите за нуклеарната централа во Синоп. Ќе биде купен вториот брод за поморско дупчење кој ќе се користи во активностите за пребарување на јаглеводород во морето“, рече Ердоган, истакнувајќи дека ќе се објавуваат огласи за соларни електрани од вкупно 3.000 мегавати, чија инвестиција изнесува околу 4,8 милијарди долари.
Како што нагласи тој, ќе се обезбеди и земјиште за инвестиција за петрохемиски објект во вредност од една милијарда долари во Јумурталик, Адана.
„Ќе се започне проектот на Меѓународниот финансиски центар во Истанбул. Во новиот период, приоритетни ќе бидат пазарите на Кина, Мексико, Русија и Индија“, посочи Ердоган, информирајќи дека ќе се формираат специјализирани слободни зони од новата генерација, претежно за областите како софтвер, информатика, здравство, образование и филмската индустрија. Турскиот претседател рече дека бројот на лицата кои ќе се вратат во местата кои се претворени во безбедни зони во Сирија, ќе достигне 250.000.
„Во период од 100 дена, главните конзулати во Мусул и Басра повторно ќе започнат со работа. За мисијата на НАТО во Ирак ќе се назначи еден заменик-командант од Турција. Ќе продолжи поддршката за Палестинците кои се изложени на неправедни и нечовечки напади од израелската држава“, додаде Ердоган. Ердоган истакна дека ќе започнат работите за чистење на една површина од 1,6 милиони метри квадратни на границата која не може да се искористи поради мини и неексплодирана муниција.
Како што информираше тој, домашниот и националниот авион за обука, ХУРКУШ, ќе биде вклучен во инвентарот на Командата за воздухопловни сили, а во рамките на активностите за спречување на нерегуларната миграција, ќе се изградат уште четири центри за враќање во Истанбул: Тузла, Коџаели, Игдир и Кириккале.
„Туризмот ќе се отвори кон нови пазари, а ќе се подготви и акционен план за зголемување на уделот во туристичкиот пазар на Кина. Ќе се основа акционерско друштво „Меѓународни здравствени услуги“, со цел Турција да стане бренд во здравствениот туризам. Ќе се основа Турска вселенска агенција, а ќе се започне со работа за домашната и националната технологија 5-Г (5-G), но и за пошироко. Ќе се развијат проекти за нови сателити, а ќе се отвори и Истражен центар за оптички системи на вселенски технологии“, нагласи Ердоган.
news_share_descriptionsubscription_contact


