Mehmet Yılmaz
26 Март 2018•Ажурирај: 26 Март 2018
БУДИМПЕШТА(AA) - МЕХМЕТ ЈИЛМАЗ -
Унгарскиот портпарол на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), Ерно Симон, изјави дека бегалците не можат да поднесуваат барања за азил во Унгарија, со последните чекори што ги презеде оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Унгарската канцеларија за имиграција и азил (BMH), во земјата каде што бројката на бегалци изнесува само 1781, се забележува дека унгарската Влада има отпор кон бегалците.
Симон, за дописникот на АА ја опиша ситуацијата на мигрантите и бегалците во Унгарија.
Тој посочи дека во моментов има многу малку мигранти и баратели на азил во Унгарија, и истакна дека бегалците можат да поднесуваат барање за азил во два кампа во подрачјето на Розке и Томпа на границата помеѓу Унгарија и Србија.

Симон истакна дека унгарските власти дозволуваат неделно да аплицираат за азил само 7-8 бегалци и дека ова претставува многу сериозно ограничување. Од друга страна, тој извести дека илјадници бегалци во Србија добија статус на азиланти и очекуваат да влезат на територијата на Европската Унија (ЕУ) преку Унгарија.
- Апликацијата за азил во Унгарија е речиси невозможна -
Симон, кој нагласи дека некои денови никој не може да аплицира за азил во Унгарија и дека всушност, ова е полуофицијална одлука, го рече следното:
„Пред неколку месеци имаше повеќе од 400 луѓе во двата транзитни региони на Розке и Томпа, но сега овој број е под 200. Транзитните региони имаат капацитет над овие бројки. Пред околу 1,5 месец изјавивме дека откако Унгарија ги затвори границите со бодликава жица, луѓето што се фатени на границите од Унгарија се избркани во Србија, на другата страна на бодликавата жица, и не се прифаќаат апликации во транзитните региони. Со чекорите што ги презеде Унгарија, бегалците речиси немаат можност за аплицирање за азил.“
Симон истакна дека неодамнешните тврдења на унгарскиот државен министер Јанош Лазар оти нема барања за азил поради тоа што нема многу мигранти, не се вистинити. Според информациите на УНХЦР, илјадници луѓе сакаат да побараат азил за влез во Унгарија од Србија.
Симон потсетува дека унгарската Влада сака да го ограничи барањето за азил и дека УНХЦР даде многу строга изјава во врска со ова прашање, велејќи: „Нè зачудува затворањето на вратите за барателите на азил во Унгарија.“
- „Дури и бебињата се во притвор“ -
Ерно Симон изјави дека претставниците на УНХЦР секојдневно ги посетуваат контејнерите поставени на границите и се сретнуваат со луѓето што се чуваат во притвор, и рече дека е неприфатливо секој азилант да биде чуван во притвор толкав период.
„Всушност, бегалците се казнети поради барањето азил од Унгарија. Покрај тоа, најмногу сме загрижени поради фактот што децата од 14 до 18 години кои немаат придружници, и родителите со бебиња што имаат само неколку месеци се чуваат во притвор. Има и деца родени во транзитната област. Неколку дена по породувањето, жените од болницата се враќаат во транзитната област со бодликава жица во метални контејнери заедно со нивните бебиња. Децата никогаш не треба да се остават зад жицата и воопшто не треба да бидат ставени во притвор. Ова е неприфатливо“, истакна тој.
- Мерки преземени од Унгарија против барателите на азил -
Една од мерките што ги презеде Унгарија против бегалците, е тоа што ја засили војската и полицијата на границата, со поддршка на партнерите од Вишеградската група, Чешка, Полска и Словачка. Со цел да се спречи движењето на бегалците и мигрантите, Унгарија постави бодликава жица на границата со Србија и Хрватска и прогласи вонредна состојба во пограничните области, зголемувајќи ги казните за нелегалните преминувања.
Во Парламентот минатата година беше прифатена законската одредба дека бегалците, вклучувајќи ги и децата, мора да се чуваат во кампови за време на апликацијата за азил, а мигрантите што ќе бидат фатени во земјата ќе бидат протерани надвор од границата со бодликава жица.
Невладините организации ги обвинуваат унгарските безбедносни сили дека со насилство ги враќаат бегалците во Србија.
- Тврдењата на унгарската Влада за бегалците -
Во Унгарија, многу владини претставници, особено премиерот Виктор Орбан, тврдат дека Европа е под инвазија од бегалците, црквите се затворени, џамиите се отворени, а бегалците имаат поставено свои закони.
Орбан, користејќи ги аргументите дека мигрантите „ја нападнале Европа“, и „се закана за христијанските вредности“, во своите досегашни изјави истакна дека не сакаат да ги прифатат бегалците.