Arife Yıldız Ünal
27 Октомври 2018•Ажурирај: 28 Октомври 2018
АНКАРА (АА) – АРИФЕ ЈИЛДИЗ УНАЛ –
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, утре, со учество на гости од светот, ќе го отвори новиот аеродром во Истанбул, кој по целосното комплетирање ќе биде најголемиот аеродром во светот.
Отворањето на првата фаза на аеродромот ќе се реализира на 29 октомври, на Денот на Републиката во Турција, кој претставува ден кога во 1923 година Турција беше прогласена за република.
Според информациите до кои дојде Anadolu Agency (AA), на оваа церемонија на отворање ќе учествуваат бројни странски гости, меѓу кои претседатели на држави и влади, како и министри за транспорт. Досега, како што е најавено, своето присуство на церемонијата го потврдиле над 50 високи претставници, а церемонијата ќе се следи низ целиот свет.
Меѓу учесниците на отворањето ќе бидат присутни и претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, претседателот на Косово, Хашим Тачи и претседателот на Албанија, Илир Мета.
Церемонијата на отворање на првата фаза, во чиј тек ќе бидат услужени 90 милиони патници за една година, ќе започне во 16:00 часот по локално време, со концерт на Симфонискиот оркестар на турското Претседателство.
Аеродромот е изграден на површина од 76,5 милиони метри квадратни, а за отворањето на првата фаза се инвестирани шест милијарди евра.
Втората фаза се очекува да заврши во 2023 година. За изградбата на аеродромот, кој ќе биде најголемиот во светот, се ангажирани околу 10.000 лица.
По завршување на работите, аеродромот ќе се состои од шест одвоени писти со капацитет од 500 авиони, отворен и затворен паркинг со капацитет од 70.000 возила, а во една година ќе услужува околу 200 милиони патници.
- Првиот лет на 31 октомври кон Анкара -
Првиот лет од аеродромот кој во функција ќе биде ставен по одржаните говори, ќе се реализира на 31 октомври кон Анкара, со авионот од типот „Boeing 777“ на турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines).
По завршување на потребните процедури до крајот на годината, се очекува дека на аеродромот ќе слетуваат и полетуваат 2.000 авиони на ден, од повеќе од 350 дестинации, а услуги ќе нудат 250 авиокомпании.