Ekipa
18 Февруари 2016•Ажурирај: 20 Февруари 2016
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Турција на разговор ги повика Амбасадорите на петте постојани членки на Советот за безбедност, Германија, Холандија и Европската унија во Анкара, јавува Anadolu Agency (AA).
Официјални лица од министерството соопштија дека повиканите амбасадори во текот на средбата ќе бидат информирани во врска со разузнавачките податоци за синоќешниот терористички напад во Анкара во кој загинаа 28 лица.
Надлежните турски официјални лица соопштија дека зад нападот стои сепаратистичката организација ПКК и нејзиното сириско крило ПЈД во чијшто состав делува и милитантната група ЈПГ. Напаѓачот е идентификуван како Салих Наџар, активен член на терористичката група ПКК-ЈПГ. Досега во рамки на истрагата приведени се 14 осомничени.
„Ги имаме сите докази за организаторите на нападот. Од каде дошле, како се организирани...Сето тоа ќе им биде проследено на другите земји со посредство на Министерството за надворешни работи. Така, сите кои велат дека ЈПГ не е терористичка организација пред себе да имаат јасни докази дека не се во право”, изјави турскиот премиер Ахмет Давутоглу.
Од бројни адреси на меѓународната заедница упатени се пораки со осуда на синоќешниот напад во Анкара, а турскиот премиер Ахмет Давутоглу порача дека Турција очекува потполна и конкретна солидарност на сите сојузници, и дека нема да се задоволи само со зборови и реторика.