СКОПЈЕ (АА) – Охридскиот Рамковен Договор кој беше потпишан на 13-ти август 2001 е договор за обезбедување на иднината и демократијата во Република Македонија, како и овозможување на развојот на поблиски и поинтегрирани односи помеѓу Македонија и евроатлантската заедница, како и промовирање на мирен и хармоничен развој на граѓанското општество, истовремено почитувајќи го етничкиот идентитет и интересите на сите граѓани на Македонија.
Договорот беше потпишан помеѓу главните политички партии во земјата и специјалните претставници на ЕУ и САД, кои му дадоа крај на етничкиот конфликт во 2001 година помеѓу двете најголеми етнички заедници во државата, Албанците и Македонците. Преговорите кои траеја околу два месеци во градот Охрид беа одржани под покровителство на тогашниот претседател на Македонија, Борис Трајковски, а договорот беше потпишан од страна на шефовите на тогашните политички партии, имено на СДСМ Бранко Црвенковски, на ДПА Арбен Џафери, на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевски и на ПДП Имер Имери.
Сведоци на потпишувањето на договорот беа Франсоа Леотар, специјален претставник на Европската Унија, и Џејмс Пердју, специјален претставник на САД.
Денеска, 15 години по потпишувањето на Охридскиот договор, мислењата на политичарите, експертите, аналитичарите и пошироката јавност се различни. За Anadolu Agency (АА) некои од нив велат дека овој договор придонесе за градење на државата и мултиетничкото општество, што ги гарантира и ги промовира правата на немнозинските етнички заедници, додека други сметаат дека сѐ уште треба да се спроведат некои прашања.
– Фестим Халили: Охридскиот договор е чувар на мирот во Македонија –
Вицепремиерот задолжен за спроведување на Охридскиот договор, Фестим Халили, кој овој документ го смета како „почеток на едно ново државнотворение на Македонија и на односите помеѓу народите кои дотогаш се гледаа со многу мала заемна доверба“, вели дека овој документ сега е самиот Устав и душата на оваа земја.
„Овој договор е претворен во потпора на социјалната и институционалната поставеност на земјата. Охридскиот Рамковен Договор ќе биде продолжен кога ќе има потреба, кога тоа ќе го бараат новите политички околности и, конечно, кога ќе побараат самите граѓани на оваа земја. Охридскиот договор стана чувар на мирот во Македонија“, рече Халили.

Понатаму Халили истакна дека се направени многу нешта од денот на усвојувањето на уставните промени кои во оваа фаза на Охридскиот договор се целосно интегрирани во Уставот, а во спроведувањето на законите и почитувањето на принципите на овој договор направено е уште повеќе. Тој додава дека меѓуетничките односи се подобрени, и се на многу повисоко ниво во споредба со оние пред 15 години и дека оваа тема никогаш не се затвора и секогаш ќе се третира и негува во духот на Охридскиот договор.
Халили, наведувајќи дека законско-уставната положба на Албанците е во различна позиција од онаа од пред 2001 година, вели дека Охридскиот Договор и веќе Уставот од Охрид, постојано ќе биде тука за да обезбеди зачувување и промоција на оваа положба според потребите на времето и ситуацијата. Според него, многу нешта би можеле да бидат подобро од ова, многу прашања би можеле да се решат поинаку, но недовербата покрената со децении наназад оневозможила промена во само 15 години.
Тој, истакнувајќи дека стравот оти оваа спогодба кај македонската политичка елита предизвика механизам на отпор и одбивање на иновациите и новата општествена и државна организација што ја промовира Охридскиот Договор, рече: „Имало и случаи на политички инает, имало ситуации на неспроведување на овој договор, има сѐ уште институции кои одбиваат да ги применуваат принципите на употребата на јазикот и соодветната застапеност, но она што е важно е дека сега граѓаните на оваа земја, особено Албанците, секој ден во секоја средба со државата чувствуваат промени.“
- За недостатоците на договорот, треба да се ангажираат сите централни и локални институции -
Халили понатаму истакнува дека Секретаријатот со кој управува е отворен да ги дискутира и прашањата кои не се целосно имплементирани или имаат недостатоци, но додава дека овие се некои важни столбови за кои треба да бидат обврзани сите централни и локални институции, за исполнување на обврските кои произлегуваат од Охридскиот договор.
„Ние како Секретаријат сме отворени да ги дискутираме овие прашања. Во анализата реализирана во соработка со Европскиот институт за мир, ОБСЕ, експерти, невладини организации и меѓународни аналитичари, работевме интензивно да се фокусираме токму на тие спорни точки кои треба да се третират на професионален начин за потребно решение и целосно спроведување на Договорот“, рече Халили.
Точките кои, како што рече, се под постојан надзор, се прашањето на правичната пропорционална застапеност во институциите каде што оваа пропорционалност не е исполнета според законските норми, зголемувањето на капиталните инвестиции особено во западниот дел на Македонија, мултикултурниот карактер и етничката разновидност на земјата, фискалната децентрализација, употребата на јазиците, како и правата на малцинствата кои се под 20 отсто.
Халили вели дека суштинските елементи на договорот, како што го нарекува „историски документ“, се основа на правата ориентација и гаранција на функционирањето на мултиетничката држава врз основа на здрави и демократски принципи. Според него, без Охридскиот рамковен договор, патувањето на Република Македонија на патот на евроатлантските интеграции е незамисливо.
- Пржинскиот договор, неопходен за целосна имплементација на Охридскиот договор -
Халили изјави дека Рамковниот договор дојде во израз по вооружениот конфликт во 2001 година и во сосема различни околности и услови од Пржинскиот договорот во Скопје.
Тој додава дека незадоволството и критиките автоматски влијаеле на ажурирањето на договорот од време на време во различни области и ситуации, со различни интервенции и форми во зависност од околностите.
„Како резултат на политичките турбуленции и екстремната ескалација на кризата, особено кај македонскиот политички блок, стана неопходно изготвувањето и потпишувањето на нов договор со кој исклучиво ќе се третираа прашања како што се индивидуалните слободи и права, слободата на медиумите, независноста на судството, институционалната демократизација, реформирањето на изборниот законик, чистењето на избирачкиот список, како и целосното почитување и спроведување на Охридскиот рамковен договор“, рече Халили.
Тој вели дека горенаведените аргументи покажуваат на една хронологија помеѓу потпишаните документи или договори, бидејќи тие се преклопуваат и ја насочуваат земјата кон трајно решавање на внатрешните проблеми.
„Околностите и времето на потпишувањето или спроведувањето ја доведуваат во израз разликата помеѓу договорите, додека спорните точки кои ги наведовме го доведуваат до израз испреплетувањето помеѓу нив“, истакна тој.
- Петар Атанасов: Најголемиот дел од Рамковниот договор е имплементиран –
Аналитичарот и универзитетски професор, Петар Атанасов, нагласува дека најголемиот дел од Рамковниот договор е имплементиран, особено што се однесува до законските и договорните обврски од страна на државата. Тој смета дека Македонија ги заврши своите обврски во корист на немнозинските заедници, се промени на голем дел од Уставот.

„Две работи се најкритични и тие не се исполнети. Недостасува поискрена поддршка меѓу политичките елити и согласност за градење на едно поинакво „позаедничко“ општество. Исто така, етничката поделеност во општеството наместо да се намалува таа се зголемува“, вели Атанасов.
Според него, Македонија не е само политички разединета, туку е длабоко поделено општество во кое речиси нема заеднички вредности меѓу политичките и етничките и културните сегменти и сектори на општеството.
„Етничка демократија не постои никаде а ние се преправаме дека ја градиме. Постои модел на демократско општество кое треба да овозможи подобар живот. Тоа фали во Македонија", вели Атанасов.
Како што истакна тој, најголем бенефит или корист има албанската заедница како најголема, особено во делот на поделба на ресурсите и културната застапеност, додека другите помали заедници некако не добија толкава можност или ресурси.
„Потребна е поголема посветеност за поголем простор на помалите заедниуци. Не смее да се остави се само на политички активности. Потребни се активни мерки за работа, за културно претставување на малите заедници, за образование, за социјална поддршка на помалите заедници. Ама сето тоа чини многу пари, а Македонија не е толку богата држава“, нагласува Атанасов.
- Сафет Бишевац: Погрешен заклучок е да се каже дека не останало уште многу работа да се заврши -
Аналитичарот и поранешен независен член на Собранието на Република Македонија, Сафет Бишевац, вели дека Охридскиот договор е средство за подобрување на правата на помалубројните заедници во Македонија и дека било предвидено да се имплементира во рок од 10 години од неговото потпишување. Меѓутоа, тој вели дека ако се гледа низ призма на бројки и проценти, може да се дојде до погрешен заклучок дека не останало уште многу работа да се заврши.
„Духот на овој договор, всушност е непрестана борба за остварување на правата на припадниците на деловите на другите народи кои, заедно со македонскиот народ, живеат во Република Макеоднија. Тоа во суштина значи дека Охридскиот договор ќе биде имплементиран кога колективните права ќе се остварат на ниво на целосно почитување на правата на поединецот, а тоа пак е процес кој речиси е бескрајно поле за постојано подобрување“, изјавува Бишевац.

Бишевац, истакнувајќи дека освен Албанците, од Охридскиот договор требало да имаат корист и другите помали заедници, додава: „Во суштина, останатите етнички заедници се најдоа во позиција, од една страна да бидат користени од Македонците како, условно речено, своевидно оружје во ограничување на придобивките на втората најголема етничка заедница, албанската.
Албанската заедница, пак, однесувајќи се патерналистички кон другите етнички заедници, настојува да го намали просторот за другите етнички заедници“.
Тој понатаму вели дека сепак не може да се негираат придонесот и придобивките од Рамковниот договор за помалубројните етнички заедници како што се Турците, Бошњаците и Ромите.
- Политичките договори, единствен мирен начин за решавање на проблемите во општеството –
„Политичките договори се единствениот мирен начин за решавање на проблемите во општеството. Нивната имплементација бара политичка волја во општеството, а многупати проблемите се користат за остварување на себични, политички или лични цели на елитата. Многу често елитата се оправдува велејќи дека не е сега вистинскиот момент за решавање на одредени проблеми во општеството“, вели Бишевац, споредувајќи го Охридскиот договор со Пржинскиот.
Според него, секогаш е подобро со проблемите да се справува што порано, пред тие да станат пречка, која ќе го доведе во прашање не само нашето функционирање, туку и општеството во кое живееме.
„Етничкиот и граѓанскиот дух на двата договора е голема можност да изградиме заедница во која ќе живееме живот достоен на човекот во XXI век”, рече Бишевац.
news_share_descriptionsubscription_contact
