Admir Fazlagic
24 Септември 2016•Ажурирај: 25 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - „Република Македонија е едноставно дел од решението за оваа криза, бидејќи балканската рута минува низ нашата држава. Јас очекувам дека ЕУ ќе направи се што може максимално во делот на превентивата, како и во делот на комуникацијата со Турција и останатите земји што се потенцијални земји од каде доаѓаат мигрантите, а да не дојде до истото. Но, ако се случи нов бран на мигрантска криза, ние соодветно ќе реагираме" изјави за МИА премиерот на Република Македонија, Емил Димитриев по денешнот самит „Миграции долж Балканската рута" кој се одржа во Виена, пренесува Anadolu Agency (AA).
Димитриев на Самитот истакнал и дека очекува конкретна и јасна поддршка на македонските институции, односно пред се на армијата и полицијата, кои имаат непланирани трошоци за справување со состојбата со бегалската криза.
Македонскиот премиер Емил Димитриев по Самитот посочил дека сите земји-партиципиенти на истиот ги искажале своите позиции, при што Република Македонија јасно ставила до знаење дека очекува да има јасен и прецизен договор од страна на земјите-членки на Европската унија и дека тој договор и политики ќе ги примени и македонската држава, бидејќи аспирира за членство во ЕУ.
Освен македонскиот премиер Димитриев на самитот учествуваа лидери од Австрија, Албанија, Бугарија, Германија, Грција, Хрватска, Србија, Словенија, Украина и од Романија. Како претставници на ЕУ учествувааа претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, и одговорниот член на комисијата на ЕУ за миграција, внатрешни работи и државјанства, Димитрис Аврамопулос.