Yusuf Hatip
16 Јануари 2019•Ажурирај: 16 Јануари 2019
БРИСЕЛ (АА) - Портпаролот на Европскиот совет, Пребен Аман, за Anadolu Agency (AA) даде оцена на гласањето во британскиот Парламент, со кое беше отфрлен договорот кој премиерката Тереза Меј го постигна со Европската Унија (ЕУ) во врска со излегувањето од Унијата (Брегзит).
„Со ова гласање се зголеми можноста Велика Британија да ја напушти Унијата без договор. Иако тоа не го сакаме, ќе се подготвиме за таквата можност“, рече Аман.
Тој истакна дека ЕУ со 27-те земји членки ќе продолжи да биде единствена заедница и ќе продолжи одговорно да ги извршува своите задачи.
Нагласи дека секако ќе се обиде да ја намали и штетата предизвикана од Брегзит.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, по резултатот од гласањето за Брегзит во британскиот Парламент запраша кое е можното решение во овој случај.
„Ако договорот е невозможен, а никој не сака Брегзит без договор, тогаш кој на крајот ќе има храброст и ќе каже кое е единственото позитивно решение?" напиша Туск на Твитер.
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, исто така изјави дека по гласањето за Брегзит е зголемен ризикот Велика Британија да ја напушти ЕУ без договор.
„Ја повикувам Велика Британија што е можно поскоро да ги разјасни своите намери“, рече Јункер.
Британскиот парламент го одби договорот што го постигна премиерката Тереза Мај со ЕУ за излез на Велика Британија од Унијата (Брегзит). На историското гласање, за договорот за Брегзит гласаа 202, а против беа 432 британски пратеници.
Премиерката Меј по гласањето изјави дека во случај опозицијата да побара гласање за доверба на владата, за тоа може да се дискутира веќе утре.
Таа во обраќањето пред пратениците во пресрет на гласањето рече дека британскиот народ не избра Брегзит без постигнување договор, и дека нови избори нема да ја смират ситуацијата во земјата. Ги предупреди парламентарците дека отфрлањето на договорот би можело да значи дека Брегзит воопшто нема да има.
Во меѓувреме, лидерот на Лабуристичката партија, Џереми Корбин, по гласањето веднаш побара гласање за доверба на владата на премиерката Меј.
Долниот дом на британскиот Парламент в среда ќе разговара за довербата на владата, побарано од Лабуристичката партија.
Британскиот Парламент, со овие резултати од гласањето, во голема мера ја презеде иницијативата над прашањето на процесот за Брегзит, и го ограничи делувањето на актуелната влада.
Со отфрлање на договорот преостанати се неколку опции, како што се предвремени избори и нов референдум.
Велика Британија на референдумот одржан на 23 јуни 2016 година, донесе одлука за напуштање на Европската Унија (ЕУ).