Husameddin Gina
19 Ноември 2018•Ажурирај: 20 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) – На денешната неформална средба со новинарите, министерот за култура на Република Македонија, Асаф Адеми, истакна дека финансирањето на проектите од национален интерес во културата ќе биде географски распоредено по правен основ, за да има култура за сите и секаде, јавува Anadolu Agency (AA).
На брифингот со новинарите, министерот Адеми изјави дека нивниот основен мотив за работа е „Култура за сите“.
„Една од нашите заложби е Министерството за култура сите да го почувствуваат како свое, без разлика на верската и етничката припадност“, рече Асаф Адеми.
Министерот на брифингот го соопшти и акциониот план во однос на финансирањето на проектите од национален интерес, а исто така со јавноста ја сподели и информацијата за претседателите на комисиите.
„Се потрудивме да имаме речиси нови членови во сите комисии, кои се вкупно 9. Тие што минатата година работеа добро, ќе продолжат со работа. Каде што мислиме дека може подобро, назначивме нови претседатели и членови. Очекувам дека со нив ќе имам добра соработка. Претседателите и сите други членови се стручни луѓе, чесни, и верувам дека ќе работат согласно законот“, истакна Адеми.
Адеми, исто така, нагласи дека одлуката за финансирање на проектите ќе се потпира на предлозите добиени од комисиите, бидејќи не е можно тој самиот да ги разгледа сите 5 илјади апликации.
На новинарското прашање „како ќе спречите вработени од Министерството преку други невладини да добиваат пари од проекти“ министерот за култура Адеми нагласи:
„Очекувам, чист, добар и извештај без скандали од комисиите за да не се повторат истите грешки од минатите години. Јас верувам во луѓето. Доколку комисиите не си го исполнат зборот, тогаш и тие ќе имаат консеквенции“.
Тој нагласи дека одлуката за финансирање на проекти од културата за 2019 година ќе се донесе на 28 јануари, според законската обврска, 45 дена по донесувањето на буџетот на Република Македонија.