Dzihat Aliju
29 Октомври 2026•Ажурирано: 29 Октомври 2026
Театарската претстава „Досие: Пеперутка“ беше претставена пред публиката во Скопје, јавува Анадолу.
На настанот, организиран во Македонскиот народен театар од страна на Генералната дирекција на државните театри при Министерството за култура и туризам на Турција, со поддршка на Халкбанк Скопје, присуствуваа министерот за култура и туризам на Северна Македонија, Седат Сулејмани, амбасадорот на Турција во Скопје, Алпер Акташ, генералниот директор на Халкбанк Скопје, Фатих Шахбаз, основачот и претседател на Здружението за медицински туризам, специјалистот доктор Синан Ибиш, претставници на институции и организации од двете земји, како и љубители на уметноста.
Шахбаз во своето обраќање рече дека преку моќта на уметноста имале можност поблиску да го почувствуваат влијанието на Алцхајмеровата болест врз поединците и нивните семејства.
Посочувајќи дека Алцхајмеровата болест не влијае само врз меморијата, Шахбаз рече: „Алцхајмеровата болест е патување што длабоко ги погодува не само лицата кои живеат со оваа болест, туку и нивните семејства, блиските и лицата кои се грижат за нив. Во таков процес, разбирањето, трпението, љубовта и општествената поддршка добиваат поголемо значење од кога било. Човек може да заборави некои свои спомени, но никој не може да го изгуби правото да биде разбран, да добива љубов и да живее достоинствен живот.“
Шахбаз истакна дека како Халкбанк веруваат оти банкарството не се сведува само на обезбедување финансиски услуги, додавајќи дека важен дел од нивните одговорности е да придонесуваат за подобрување на животот на луѓето, да покажуваат чувствителност кон општествените проблеми и да помогнат во создавањето свесно и отпорно општество соочено со ризиците што ја загрозуваат иднината.
Ибиш, од своја страна, рече дека нивната цел е да ја подигнат општествената свест за Алцхајмеровата болест, која е еден вид деменција.
Нагласувајќи дека нивните главни цели се поголемо вклучување на лицата во неповолна положба во општествениот живот, зајакнување на нивната отпорност и обезбедување поддршка, Ибиш рече: „За да го поддржиме нашиот свет, имаме поголема потреба од луѓе како мене и многу други кои размислуваат како мене. Верувам дека овие активности се многу важни за да се зголеми бројот на луѓе како мене.“
Ибиш им се заблагодари на Халкбанк Скопје и на Македонскиот народен театар за поддршката.
Театарската претстава беше организирана во рамките на проектот „Животот е твој“, чија цел е зајакнување на културните и уметничките односи меѓу двете земји и подигнување на општествената свест за чувствителни прашања. Претставата беше проследена со интерес од присутните.