култура и уметност

Скопје: Со книги и рози одбележан Светскиот ден на книгата

„Книгите овозможуваат да се соедини човештвото во една фамилија, споредувајќи го минатото, историјата и културното наследство, со цел да се изгради една заедничка иднина каде што сите гласови се слушаат во еден хор со човечки здив.“

Admir Fazlagic  | 23.04.2019 - Обновена : 24.04.2019
Скопје: Со книги и рози одбележан Светскиот ден на книгата (Foto: Admir Fazlagic/ AA)

СКОПЈЕ (АА) - Со подарување книги и рози, како и со соодветна културна програма, денеска во Националната и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ во Скопје, беше одбележан Светскиот ден на книгата и авторското право - 23 април, јавува Anadolu Agency (AA).

На настанот присуствуваа директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, Фримзим Даути, генералниот секретар нa Националната комисија на УНЕСКО при Министерството за култура на Северна Македонија, Билјана Прентоска, Емилио Лоренцо Сера, амбасадор на Кралството Шпанија во Северна Македонија, како и бројни љубители на книгата.

Емилија Мајсторова од НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, ја прочита пораката по повод Светскиот ден на книгата и авторското право на Одреа Зубле, генерален директор на УНЕСКО (Oрганизација за oбразование, наука и култура на Обединетите нации).

„Книгите прозорци кон нашата душа се воедно и пат кон заемно почитување и соработка меѓу луѓето, независно од границите и различностите. Во овие турбулентни времиња книгите ја одразуваат различноста на човечкиот гениј, давајќи сила на богатството на човечкото искуство, искажувајќи ја потрагата по значењето кое ни е блиско и кое ги движи напред сите општества. Книгите овозможуваат да се соедини човештвото во една фамилија, споредувајќи го минатото, историјата и културното наследство, со цел да се изгради една заедничка иднина каде што сите гласови се слушаат во еден хор со човечки здив“, се вели во пораката на директорката на УНЕСКО.

Во пораката, меѓу останатото, се истакнува и дека „книгите се наши сојузници во ширењето на образованието и науката, културата и информацијата, насекаде во светот. Книгите се исто така форма на културно изразување кое им дава живот на јазиците и се изразува преку нив.“

Присутните на настанот ги поздрави и Фримзим Даути, директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, кој го честиташе Светскиот ден на книгата и авторското право. Исто така, пораката од УНЕСКО, директорот Даути ја прочита и на албански јазик.

Билјана Прентоска, генерален секретар нa Националната комисија на УНЕСКО при Министерството за култура на Северна Македонија, во своето обраќање до присутните рече дека Националната и универзитетска библиотека, традиционално, со години наназад успешно го одбележува Светскиот ден на книгата и упати благодарност до организаторите и учесниците.

„Пишаниот збор, книгата и јазикот како цивилизациска придобивка се значаен дел од уметничкото, културното и научното изразување. Тие се одраз и потврда на индивидуалниот и колективниот идентитет, различност и припадност. Од страна на УНЕСКО, 2019 година е прогласена за меѓународна година на автохтоните јазици, со цел да се заштити културата, идентитетот и правата на овие народи“, истакна Прентоска.

Емилио Лоренцо Сера, амбасадор на Кралството Шпанија во Северна Македонија, во своето обраќање упати благодарност до НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, за соработката по повод Светскиот ден на книгата. Исто така, тој упати благодарност и до хорот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Катедрата за шпански јазик, кои со својот настап дадоа придонес на денешниот настан.

Во рамките на одбележувањето на Светскиот ден на книгата и авторското право, во соработка со Амбасадата на Кралството Шпанија во земјава, беше отворена изложба на слики, насловена „Шпански градови со светско културно наследство“.

Од НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје информираа дека на годишно ниво околу 90.000 корисници се служат со фондовите на библиотеката и користат и други нејзини услуги, и дека оваа библиотека моментално има 1.600 регистирани членови.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.