Египетската престолнина Каиро, која е дом на пирамидите - едно од седумте светски чуда – им нуди на своите посетители вистинско историско доживување и со Мит Рахина - богатство што во древната египетска цивилизација се смета за исто толку значајно колку и самите пирамиди, пишува Анадолу.
Областа Мит Рахина, која се наоѓа јужно од Гиза и е подигната врз урнатините на Мемфис - „првата престолнина на обединет Египет“, е дом на историја проткаена со легенди.
Музејот под отворено небо на посетителите во овој регион им претставува десетици ретки артефакти и древни храмови, меѓу кои најистакната е статуата на Рамзес Втори, како едно од највпечатливите сведоштва од ерата на фараоните.
Додека новите археолошки откритија во овој регион продолжуваат, пред нас се отвораат прозорци кои ни го прикажуваат духовниот и секојдневниот живот на древните Египќани.
Музејот под отворено небо претставува едно од најмагичните катчиња на археолошкиот локалитет Мит Рахина. Тој во себе ги чува Западната порта на Големиот храм Птах од периодот на кралот Рамзес Втори, Храмот на Хатор, што датира од времето на 19-тата династија, како и Храмот за мумифицирање на светиот бик Апис од времето на 26-тата династија (664 - 526 година пр. н. е.).
Големата статуа на Рамзес Втори (околу 1279-1213 година пр. н. е.), најпознатиот крал на Древен Египет, која се смета за јадро на музејот, го привлекува сето внимание на јавноста. За разлика од повеќето статуи на фараоните во Древен Египет, оваа статуа не е изложена во исправена положба туку е легната на грб.
Главниот археолог при египетското Министерство за туризам и антиквитети, д-р Меџди Шакир, во изјава за Анадолу рече дека градот Мит Рахина е дом на првата античка престолнина Менф (Мемфис), за која се смета дека била основана во Египет во 3100 година пр. н. е.
„Оваа област претставува дел од животот во кој древните Египќани живееле и ги извршувале своите секојдневни работи“, вели Шакир, па додаде дека областа Сакара, пак, за египетската цивилизација била регион што му припаѓал на „задгробниот свет“, поврзан со ритуалите за смртта, гробниците и богослужбата.
„Градот, кој бил основан од кралот Мина - еден од фараоните, историски бил познат под името 'Белиот ѕид', но подоцна го добил името Мемфис, а потоа Менф. Иако во епохите што следувале некои други региони биле избрани за престолнини, Мемфис секогаш успевал да ја сочува својата голема политичка и историска важност“, вели Шакир, нагласувајќи дека остатоците од овој славен град сè уште живеат во областа Мит Рахина, поврзана со градот Бедрашин во вилаетот Гиза.
За да ја долови вековната важност на градот, археологот Шакир сподели два клучни настани од историјата. Првиот е поврзан со Александар Македонски, кој владеел со Египет помеѓу 336 и 323 година пр. н. е.: „Кога Александар Македонски пристигнал на оваа земја, не отишол на ниедно друго место туку веднаш се упатил во Мемфис“.
Александар тогаш им се обратил на свештениците со зборовите дека тука не доаѓа како окупатор, туку како „син на богот Амон“, вели Шакир.
„Вториот настан што ја зголемил вредноста на градот е тоа што Каменот од Розета, кој овозможил дешифрирање на хиероглифското писмо, бил напишан токму од свештениците од Мемфис“, рече Шакир.
„Каменот од Розета, чии хиероглифи беа дешифрирани од страна на Шамполион за време на француската окупација на Египет, содржи ист текст напишан на три различни јазици – со хиероглифи на врвот, демотско писмо во средината и антички грчки јазик на дното. На тој начин, ова дело даде огромен придонес во осветлувањето на античката ера.“
Посочувајќи дека во Мит Рахина се наоѓаат многу важни и уникатни дела, Шакир истакна дека меѓу нив најмногу се издвојуваат двете статуи на Рамзес Втори, откриени во 1820 година од страна на Италијанецот Џовани Батиста Кавиља.
Една од статуите била земена од плоштадот Рамзес во центарот на Каиро и пренесена во Големиот египетски музеј, каде што се наоѓа и денес, додека другата била оставена на своето изворно место во Мит Рахина, во легната положба, на грб.
Египетскиот валија, Каваларли Мехмед Али-паша (1805-1848), понудил легнатата статуа да ѝ биде подарена на Англија, но Шакир вели дека Англија сепак се откажала од преземањето на статуата поради нејзините огромни димензии и високите трошоци за транспорт.
„Музеите во Египет се делат главно во две класи“, вели Шакир и објасни дека првиот тип се „националните музеи“ во кои се наоѓаат експонати од сите периоди и региони, како што се Египетскиот музеј на познатиот плоштад Тахрир, Музејот на исламска уметност, Коптскиот музеј и Грчко-римскиот музеј. Вториот тип, пак, се „регионалните музеи“, какви што има во градовите Танта, Кефр еш-Шеих, Сохаг и Шарм ел-Шеик.
Покрај нив, Шакир укажа и на постоењето на трет тип, односно на „локалитетните музеи“ како што е Мит Рахина.
Тој објасни дека овие музеи се подигнати директно врз самите археолошки локалитети со цел да се заштитат артефактите пронајдени во нивната околина.
„Музејот под отворено небо во Мит Рахина спаѓа токму во оваа последна категорија“, вели Шакир, „и во него се изложени повеќе од 60 уникатни предмети пронајдени во истата таа област.“
Шакир упати и повик овој концепт на музеи под отворено небо да се прошири и во другите региони низ Египет кои се исклучително богати во тој поглед.
Египетскиот археолог нагласи дека околу Мит Рахина постојат многу важни споменици на кои им е потребна поголема промоција пред светот, издвојувајќи го Храмот за мумифицирање на бикот Апис - „фасцинантно инженерско чудо“ со камени маси и кревети за мумификација.
„Кинескиот археолошки тим што спроведува истражувања во регионот остварил значајни откритија“, истакна Шакир - „открил храм изграден од варовник и уште една голема градба. Споменатите откритија покажале дека под оваа област сè уште лежат голем број скриени артефакти и мистерии.“
„Урнатините на Мит Рахина претставуваат едно од подрачјата кои го носат најважното културно наследство на Египет и на светот“, рече Шакир и даде предлог оваа област да се претвори во сеопфатна туристичка рута: наместо туристите да поминуваат само еден час во музејот под отворено небо, тие би можеле да го посетат и Храмот за мумифицирање и околните простори, потоа да заминат за Сакара за да видат едно поинакво лице на египетската историја, а својата тура да ја завршат кај пирамидите во Гиза и Сфингата.
news_share_descriptionsubscription_contact
