Besar Ademi
04 Јануари 2017•Ажурирај: 05 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Општина Вевчани, како и секоја година, и оваа е подготвена за организација на манифестацијата „Вевчански карневал“, позната како традиционален карневал на маски, каде што многубројни учесници со најразлични маски, низ призмата на хумор и сатира имаат за цел да ги прикажат најважните настани и случувања во земјата и во светот. Карневалот традиционално се одржува за Стара Нова година според Јулијанскиот календар, јавува Anadolu Agency (AA).
„Вевчанскиот карневал“, кој се одржува од 10 до 14 јануари оваа година, во два од петте дена додека трае ќе има атрактивна музичка програма, а пак на претпоследниот ден маскираните групи ќе играат на улиците на Вевчани. Настанот ќе заврши со палење на маските, со што се верува дека луѓето ќе бидат ослободени од злото, додека следната година ќе биде подобра и побериќетна.
На презентацијата на програмата на која учествуваа уметници што ќе настапат во музичката програма, како и претставници од Министерството за култура, кое го поддржува карневалот, градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриноски, изјави дека карневалската програма секоја година се збогатува сѐ повеќе и додаде дека тоа придонесува да се зголеми бројот на посетители на карневалот, како домашни така и странски.
„На гледачите им го пренесовме она што значи Вевчански карневал, кој е единствен можеби и во светот од овој вид на карневали на паганството, еден од најстарите карневали во светот“, рече Угриноски.
Заменик-министерот за култура, Драган Недељковиќ истакна дека овој карневал е културна и туристичка манифестација со најпознатиот бренд во Македонија и дека продолжува традиционално да се одржува повеќе од 14 века.
„Тој ден целиот свет може да застане, но Вевчанскиот карневал нема да застане. Се надевам дека таа традиција ќе продолжи најмалку уште двесетина века и подолго ,така што тоа е за доброто на Република Македонија, за развој на културата и културните вредности“, истакна Неделковски.
Вевчанскиот карневал се смета за еден од најголемите посебни и културни куриозитети во Македонија со традиција стара 1.400 години. Овој карневал преку различни маски и персонификации пренесува пораки за настаните што се случија во текот на претходната година во земјата и подалеку, критикувајќи ги. Општина Вевчани и Вевчанскиот карневал се членки на Светската асоцијација на карневалски градови (ФЕЕЦ).