Ekipa
30 Јули 2018•Ажурирај: 01 Август 2018
АНКАРА (АА) - Исклучителниот музеј во турската престолнина Анкара ги носи посетителите на едно долго патување низ шахот како игра, низ времето, пишува Anadolu Agency (AA).
Во Музејот на шахот на Фондацијата „Ѓокјај“, основан во 2015 година, се изложени вкупно 686 сетови за шах од 100 земји во светот.
Неговиот куратор е голем љубител на шахот, иако никогаш не помислувал дека еден ден ќе поседува своја колекција или пак, музеј.
Акин Ѓокјај (78) го купил својот прв сет за шах од естетски побуди.
„За време на едно патување во странство, видов различни видови сетови за шах во секоја земја. Сетовите ја одразуваа културата, традицијата и општествената структура на нивното потекло“, истакна Ѓокјај за АА.

Импресиониран од разните видови тематски шаховски сетови низ светот, Ѓокјај стана нивен колекционер.
„Кога во својата колекција имав околу 700 шаховски сетови, мојата сопруга ми рече дека нема никаква смисла нивното чување зад затворени врати“, истакна тој.
Сопругата му дала предлог неговата колекција да ја сподели со јавноста, и тоа претставувало првиот чекор кон формирањето на музејот, кој ја доби титулата „Најдобар музеј во Анкара за 2017 година“.
Поставката и музејот се наоѓаат во куќа во Хамамону, обновениот дел на главниот турски град.
Зачекорувајќи во музејот го започнувате вашето патување со првиот шаховски сет на Ѓокјај од 1975 година, купен во Италија.
Веднаш до него се наоѓа сетот стар 60 години, најстариот шаховски сет од колекцијата.
Изложени во четири тематски целини, шаховските сетови раскажуваат приказни од Италија до Мадагаскар.
„Секогаш пред да купевме одреден шаховски сет, сакавме истиот да има одредено значење, визуелност и приказна која ќе ја раскажува“, вели Ѓокјај.
Музејот влезе во Гинисовата книга на рекорди во 2012 година како најголема колекција на шаховски сетови во светот.
Ѓокјај објасни дека нов тренд е претставувањето на градовите на шаховскиот сет со своите маркантни градби.

Во неговата колекција има симболи од знаменитости во Лондон, Амстердам, Ротердам, Далас и Милано.
Сетот што ја претставува Анкара го има мавзолејот на основачот на Турција, Мустафа Кемал Ататурк, и спектакуларната џамија Коџатепе.
Кога ќе се изморите од светската тура, музејот ви нуди сетови инспирирани од „Господарот на прстените“ и „Војна на ѕвездите“.
За љубителите на историјата има и шаховски сетови што ги претставуваат светските лидери, како и Битката на Галиполе и нападите на 11 септември.
Употребувајќи различни техники и материјали како дрво, сребро, злато, топен метал, рибина коска, полиестер и керамика, колекцијата е кулминација на една авантура долга 43 години.
Говорејќи за шахот како спорт, Ѓокјај вели дека тој нуди еден порационален, пореален и поуспешен животен стил.