Турција, култура и уметност

Започна пријавувањето за „Istanbul Photo Awards 2026“

- Натпреварот, кој годинава се организира по 12. пат од страна на новинската агенција Анадолу, има за цел да ја промовира новинската фотографија на глобално ниво.

Asiye Latife Yılmaz  | 13.11.2025 - Обновена : 13.11.2025
Започна пријавувањето за „Istanbul Photo Awards 2026“

ИСТАНБУЛ (АА) – Започна пријавувањето за „Istanbul Photo Awards 2026“, меѓународен натпревар на кој се натпреваруваат фотографии што ја отсликуваат светската сцена на највисоко ниво, јавува Анадолу.

Натпреварот, кој годинава се организира по 12. пат од страна на новинската агенција Анадолу, има за цел да ја промовира новинската фотографија на глобално ниво.

Секоја година на натпреварот се пријавуваат околу 20.000 фотографии, што го прави еден од најреномираните фотографски натпревари во светот.

Професионални фотографи од целиот свет, без разлика дали работат за медиум или не, можат да учествуваат со фотографии што се направени во период меѓу 1 јануари и 31 декември 2025 година.

Се прифаќаат апликации за 10 категории: единечни вести, вести-приказна, единечни спортови, спортови-приказни, единечна фотографија за природа и животна средина, приказна-природа и животна средина, единечна фотографија за секојдневниот живот, фотографија-приказна за секојдневниот живот, заедно со единечен портрет и портрет-приказна.

Фотографите можат да пријават објавени и необјавени фотографии, со обврска да достават точни податоци за себе и за фотографиите.


- Престижно жири

Во март 2026 година, истакнато меѓународно жири составено од врвни професионалци од областа на фотографијата ќе ги избере добитниците, оценувајќи ги пријавените фотографии според техничката умешност, перспектива, движење и емоционален ефект.

Вкупниот награден фонд изнесува 58.000 долари, а титулата „Фотографија на годината“ ќе ја добие најдобрата фотографија во категоријата единечни вести, со награда од 6.000 долари.

Добитниците на првите места во секоја категорија ќе добијат 3.000 долари, вторите 1.500, а третите 1.000 долари.

Пријавите се поднесуваат исклучиво преку веб-страницата istanbulphotoawards.com до 9 јануари 2026 година.

На веб-страницата може да се најдат и сите информации за условите за учество, претходните добитници, изложбите, фотоалбумите и членовите на минатите жирија.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.