Admir Fazlagic
20 Август 2020•Ажурирај: 23 Август 2020
СКОПЈЕ
Во Скопје вечерва започна третото издание на Mеѓународниот фестивал на светлосната уметност „Skopje Light Art District 2020", кој ќе трае до 22 август, јавува Агенција Анадолија (АА).
Како што најавија од Град Скопје, четири вечери, 18 локации, 25 уметници и изведувачи кои со своите изложби, перформанси и 3Д мапирања ќе го осветлат главниот град на Република Северна Македонија и ќе го обојат во сите бои, почнувајќи од симболот на Скопје, Камениот мост.
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје вечерва започна третото издание на Mеѓународниот фестивал на светлосната уметност „Skopje Light Art District 2020", кој ќе трае до 22 август ( Admir Fazlagikj - Агенција Анадолија )
Фестивалот се одвива по однапред утврдена рута и за посетителите нуди многубројни светлосни инсталации кои ги осветлуваат објектите во центарот на градот.
„Третото издание на фестивалот на светлината претставува симболичен мост, живописна врска што ги обединува уметноста, технологијата и науката, минатото со сегашноста и иднината, градот и природата, користејќи го јазикот на светлината", соопштија од Град Скопје.
Фестивалот годинава ќе испрати пораки за заштита на животната средина - преку одговорни одлуки и начин на живот да се заштити природата и нејзините богатства.
Mеѓународниот фестивал на светлосната уметност е во организација на Универзална Сала и Град Скопје, со поддршка на Делегацијата на Европската унија и Францускиот институт во Скопје.