Dilan Pamuk
01 Декември 2021•Ажурирај: 02 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Изложбата на која се претставени наградените фотографии од Меѓународниот натпревар за фотографија „Istanbul Photo Awards“, од утре во Истанбул ќе биде отворена за посетителите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Наградените фотографии од натпреварот ќе бидат претставени во музејот „Сантрал Истанбул“ до 10 декември.
Фоторепортерот на „Гети имаџес“ (Getty Images), Адам Прети, добитникот на третата награда во категоријата „Поединечен спорт“, ќе се придружи на изложбата в петок, 3 декември.
Посетителите ќе ги очекува посебен избор на фотографии со настани што ја одбележаа минатата година, од тажни сцени за време на пандемијата на Ковид-19 до експлозијата во Бејрут и Светското првенство во супербајк.
Победничките фотографии претходно беа изложени во Центарот за уметност „ЦерМодерн“ во турскиот главен град Анкара и во седиштето на ОН во Њујорк во октомври.
На натпреварот учествуваат околу 15.000 фотографи од целиот свет, а 14 фоторепортери од 12 националности добија награди во категориите „Поединечна вест“, „Серија вести“, „Поединечен спорт“, „Тимски спорт“, „Низа фотографии за секојдневниот живот“ и „Серија портрети“.
„Istanbul Photo Awards“ е официјално спонзориран од авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ и Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), а домаќин на истанбулскиот дел од изложбата е Универзитетот „Билги“ во Истанбул.
Датумите на пријавување за 2022 година, осмиот круг на натпреварот, ќе бидат објавени во наредните недели, а повеќе информации за натпреварот и наградените фотографии може да се добијат преку веб-страницата „www.istanbulphotoawards.com“.