Hosni Nedim, Muhammed Emin Canik
01 Јули 2026•Ажурирано: 01 Јули 2026
Група раселени Палестинци во градот Кан Јунис, во Газа, која сериозно е уништена од израелските напади во кои се погодени и историски локалитети, ги чуваат историските артефакти во шатор, со цел да се заштити палестинското наследство, пишува Анадолу.
Со иницијативата „Чувари на наследството“, започната под водство на здружението „Мејасим за култура и уметност“, волонтери работат на извлекување, реставрација, документирање и заштита на артефактите што останале под урнатини за да се зачува културното наследство на Газа од уништување.
Волонтерите во обичен шатор во камп за раселени лица во западниот дел на Кан Јунис, каде што се сместени околу 900.000 раселени Палестинци, се обидуваат да се грижат за стотици историски артефакти и културно наследство спасени од израелските напади.
Помошничката координаторка на Програмата за заштита на културното наследство во „Мејасим“, Шејма ен-Натур, за Анадолу изјави дека тимот „Чувари на наследството“ е формиран во 2024 година, со цел да се спречи губењето на палестинското културно наследство, а во него се вклучени 20 лица.
„Започнавме со попишување на музејските колекции во Појасот Газа, особено оние што беа бомбардирани и затрупани под урнатините. Овие области ги посетивме и извадивме колку што можевме повеќе парчиња, потоа ги архивиравме и ги чуваме во специјални кутии“, рече таа.
Ен-Натур додаде дека не се заштитуваат само историски артефакти, туку преку програмата за усна историја се документираат и приказните поврзани со нив, со цел културното наследство да им се пренесе на идните генерации.
„Целта на овој процес, преку еден артефакт што го имаме или преку приказните поврзани со него, е да го одржиме наследството на нашите предци живо во сеќавањето на нашите деца и внуци“, рече Ен-Натур.
- Во израелските напади врз Газа исчезнати се околу 3.500 историски артефакти -
Ен-Натур посочи дека поголем дел од музеите и археолошките локалитети во Газа се уништени во нападите и дека исчезнале околу 3.500 артефакти.
Во врска со исчезнатите артефакти, таа истакна: „Идентификувавме околу 300 парчиња што се под урнатините, но не може да им пристапиме бидејќи се наоѓаат во области што се сметаат за опасни или со ограничен пристап.“
Таа истакна дека луѓето понекогаш наоѓаат артефакти во урнатините без да знаат дека се историски, што дополнително го загрозува културното наследство.
За чувањето на артефактите во шатор, Натур посочи: „Овој шатор не може да ги заштити артефактите колку што е потребно, но ова е шанса да опстанат додека не се обноват музеите и не се осигурат безбедни места за нивно чување.“
Појасот Газа се смета за едно од најважните историски подрачја, каде што се смениле цивилизации, како фараонската, старогрчката, римската, византиската, хананската и феникиската, сè до исламскиот период, особено со траги од мамлучкиот и османлискиот период.
Овие цивилизации го одразуваат длабокото историско наследство на Газа и поврзаноста на Палестинците со регионот.
Во израелските напади врз Газа од октомври 2023 година околу 208 од 325 археолошки и културни локалитети во Газа се целосно уништени.
Во Газа, каде што има сериозно уништување, во израелските напади животот го загубиле повеќе од 73.000 Палестинци, а над 173.000 се повредени.