Burak Bir
04 Јуни 2020•Ажурирај: 04 Јуни 2020
АНКАРА
Бројот на починати лица од последиците на Ковид-19 во Бразил денеска надмина 32.500, додека во Мексико починаа над 11.700 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во последните 24 часа во Бразил починаа 1.349 лица. Вкупниот број на заразени од вирусот во втората најпогодена земја во светот изнесува 584.016, при што 28.633 нови лица се позитивни на Ковид-19“, соопштува Министерството за здравство на Бразил.
Во Мексико во последните 24 часа починаа 1.092, при што вкупниот број на починати изнесува 11.729.
„Вкупно 3.912 лица се позитивни на Ковид-19 во последните 24 часа, со што вкупниот број на заразени во Мексико изнесува 101.238“, се соопштува од Министерството за здравство на Мексико.
Во меѓувреме, Светската здравствена организација (СЗО) минатата недела соопшти дека Латинска Америка станала „црвена зона“ за пренесување на Ковид-19 во светот и дека за тие земји се потребни солидарност и поддршка за да ја надминат пандемијата.
„Четири од 10 земји низ светот со најголем број случаи на заразување со Ковид-19 се во Латинска Америка“, соопштено е од СЗО во понеделникот. Бразил, Перу и Чиле имаат најголем дневен пораст на заразени, но бројот на заразени се зголемува и во Аргентина, Боливија, Колумбија и Хаити.
Пандемијата одзеде повеќе од 386.000 животи низ светот, додека вкупниот број на заразени во светот изнесува над 6,5 милиони. Повеќе од 2,8 милиони лица оздравеа, според податоците собрани од американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.