Besar Ademi
07 Мај 2017•Ажурирај: 08 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Над 8.500 учесници од 51 земја од светот трчаа на маратонот „Виз Ер Скопје Маратон“, кој традиционално се организира низ скопските улици по повод Денот на Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Ова тринаесетто по ред издание на маратонот со фонд од 20.000 евра претставува нов рекорд на учесници, односно околу 1.000 учесници повеќе од минатогодишниот маратон. Маратонот традиционално се организира од страна на Град Скопје и Мисијата на Европската унија (ЕУ) во Скопје.
Според организаторите, од година во година овој маратон стана еден од најпосетуваните и најинтересните настани во Македонија, бидејќи, како што рекоа тие, маратонот има културна, економска и туристичка димензија.
На годинешниов маратон се трчаа три трки - полумаратон, штафетен маратон, и маратон од 5.000 метри, каде што трчаа и учесници од олимписките трки одржани во Рио.
Кипротич Кируи од Кенија втора година по ред е победник на скопскиот маратон во 42.000 метри, кој ја постигна целта за 2 часа 12 минути и 59 секунди. Во полумаратонот каде се трчаа 21.000 метри, првото место го освои македонскиот државјанин Дарио Ивановски, додека победник во трката на 5.000 метри е Богдан Цветковски, македонски државјанин.
Во меѓувреме, во женската конкуренција на полумаратонот победници се трите сестри од Естонија, Лејла, Лена и Лили Луик, кои држејќи се за раце истрчаа 21.000 метри за еден час 26 минути и 7 секунди.
Првото место во трката од 5.000 метри во женска конкуренција го освои 14-годишната Марго Бојаџиев. По неа доаѓаат Рената Соколовска од Македонија, и Нагме Бургуч од Турција.
Во рамките на „Виз Ер Скопски Маратон“ вчера се одржа и детски мини-маратон во соработка со Македонскиот олимписки комитет и УНИЦЕФ.