Besar Ademi
16 Февруари 2017•Ажурирај: 17 Февруари 2017
TETOВO (АА) - Бесар Адеми
Семејството Исмаили од Тетово ги изненадува луѓето со трите волка за кои се грижи. Ова семејство живее со припитомените волци во една вила во подножјето на Шар Планина, планина за која се напишани романи и песни.
Тие живееат среќно со овие животни, и покрај вкоренетите, општо познати верувања за овој вид животни.
Иако човекот го смета волкот за итро животно, жеден за крв и опасен, Алек, Лупо и Луна, трите волка за кои ова тетовско семејство се грижи повеќе од две години, не претставуваат никаква опасност, туку напротив, тие се пријателски настроени и рамноправни членови на семејството Исмаили.
Волкот се смета за опасно животно.
Секогаш се обидува да избегне средба со човекот, за чиј живот обично не претставува никаков ризик. Ова суштество напаѓа стада на ситен добиток, како што се домашните овци и кози, за кои се грижат овчарските кучиња. Сепак, волците на семејството Исмаили се разликуваат од дивите волци. Тие се пријателски настроени, не се хранат со живо месо, а се случило да наидат на стадо овци и да не ги нападнат.
Трите волка се хранат еднаш дневно, и тоа со коски, варена храна и ретко со готова храна. Фадил Исмаили, глава на семејството, вели дека неговата љубов кон животните потекнува уште од детството, а идејата да се грижи за волците ја добил поради тоа што волкот секогаш е опишуван од страна на човекот како опасно животно.
Исмаили живее во Тетово, а во селото Лешок над овој град изградил вила, каде што живее повремено и се грижи за волците, припитомени уште кога биле младенчиња. Тој и неговото семејство, исто така, речиси и во внатрешноста на вилата живеат заедно со волците и ја делат храната со нив.
„Сето ова е во спротивност со сфаќањата на луѓето, кои сметаат дека волкот е лош. Убеден сум дека човекот е полош од волкот. Волците не ми направија никаква штета, а луѓето да. Ние се плашиме од забите на волкот, но не се плашиме од вооружените лица“, изјави Исмаил, и додава дека човек треба само да научи да се однесува со волците и тие ќе возвратат со добро.
- Како детето што расте со љубов, и волкот расте поинаку со љубов
Пред да ги купи волците, Исмаили поминал обука за тоа како да се однесува и да ги дресира животните. Тој за Anadolu Agency (АА) објаснува дека волците имаат свој карактер преку знаци и движења разговараат со човекот, но бидејќи човекот е поинтелигентен, тој треба да се обиде да го разбере нивниот јазик, а не обратно.
„Детето со љубов расте поинаку, и волкот со љубов расте поинаку и станува вистински пријател. Сепак, ние како луѓе сакаме тие да нѐ разберат. Дури и знаејќи дека сме поинтелигентни, очекуваме волкот да нѐ разбере нас. Но, не, полесно е ние да ги разбереме волците и да се однесуваме според тоа“, вели Исмаили за АА.
Меѓу Лупо, Луна и Алек, раскажува Исмаили, има воспоставено хиерархија во која се вклучени и членовите на семејството. Во оваа хиерархија, главен е Фадил Исмаили, а потоа доаѓа волкот Алек, потоа сопругата на Фадил и децата, и на крајот Луна и Лупо.
Исмаили вели дека Алек преку различни движења и знаци често се обидува да им покаже на жената и децата дека е посилен, но така не се однесува со него, кого го смета за главен во хиерархијата.
Исмаили ги шета волците и низ селото Лешок. Во меѓувреме, соседите и селаните често наминуваат кај вилата за да ги посетат волците, а забележлива е посебната почит кон семејството Исмаили.
При посетата на познати луѓе, волците воопшто не реагираат, но кога доаѓа непознато лице, тие почнуваат да завиваат сѐ додека Исмаили не им даде сигнал да престанат.
Нешто необично кај овие волци е и нивното завивање, кое го придружува секој езан (повик за молитва).
Исмаили вели дека не се случува волците да не завиваат во времето на езанот, но не ја знае причината зошто ова се случува.
Инаку, Алек, Лупо и Луна бараат големо внимание и за нив семејството Исмаили го прави најдоброто.
Трите волка се хранат со специјална храна, вклучувајќи различни витамини во зависност од временските услови, заради заштита од болести.