Hatice Şenses Kurukız
25 Септември 2020•Ажурирај: 26 Септември 2020
ИСТАНБУЛ
Специјалистката за неврологија на болницата „Косујолу“ на Универзитетот „Једитепе“, Бурџу Омерџи, смета дека кај неактивните и лицата со прекумерна тежина постои голема веројатност за добивање на Алцхајмеровата болест, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Таа наведе дека еден од најголемите ризик-фактори од Ацхајмерова болест, во текот на последните неколку години е намалувањето на церебралниот проток на крвта.
Според нејзините зборови, лицата кои нездраво се хранат и немаат доволно физичка активност, имаат поголем ризик да заболат од оваа болест.
„Доколку се немаат активности во животот или не се вежба редовно, церебралниот проток на крвта се намалува и тоа создава ризик-фактор за добивање Алцхајмерова болест“, смета Ормеџи, наведувајќи дека намалувањето на церебралниот крвоток е поврзано со тежината и колку што е поголем индексот на телесната маса, толку е побавен и протокот на крвта во мозокот. Таа истакна дека другата причина е исхраната.
„Преработената исхрана врз основа на јаглехидрати и животински масти и нередовната исхрана без внимавање на рамнотежата на протеините и витамините исто така се меѓу водечките ризик-фактори за [добивање на] Алцхајмерова болест. Затоа постои голема голема веројатност за Алцхајмерова болест кај неактивните и луѓето со прекумерна тежина кои не сакаат да вложуваат труд на добрата исхрана и телесната активност“, појасни Омерџи.
Како што изјави таа, лековите кои се земаат за Алцхајмер само ја забавуваат болеста.
„Моментално немаме никакви лекови кои би ја запреле или излекувале Алцхајмеровата болест, што ни укажува на важноста на превенција на болеста. Сите лекови кои ги имаме се наменети за забавување на процесот кога болеста ќе се добие. Од таа причина особено е важно да се практикува здрава исхрана и да се вежба од детството. Студиите дури покажаа дека по дијагнозата на Алцхајмерова болест, редовното вежбање и добрата исхрана можат да го забават текот на болеста и да пружат подобрување, што со лековите не може да се постигне“, изјави Омерџи.
Нагласувајќи дека покрај исхраната и физичката активност, најважен ризик-фактор се годините, таа истакна дека е јасно оти Алцхајмеровата болест е поврзана со стареењето.
Денес сѐ уште не е позната точната причина за болеста, па така постојат повеќе теории за нејзиното настанување. Најчесто се споменува генетиката. Познато е дека потомците на заболените имаат и до десетпати поголеми шанси за заболување од Алцхајмеровата болест од просечната популација.
Годините претставуваат најизразен ризик-фактор. Вообичаениот почеток на болеста е по 65-годишна возраст, иако може да се појави и порано, па и пред 50-тата година од животот. Од оваа болест заболени се над 50 отсто лица постари од 90 години.
Во Европа од Алцхајмерова деменција заболуваат околу 9 милиони луѓе, а до 2020 година тој број ќе се удвои.
Предупредувачките знаци, дека можеби се работи за Алцхајмерова болест, се губење на краткотрајно паметење, потешкотии во извршувањето на задачите, појава на јазични проблеми, дезориентираност во време и простор, проблеми во пресудувањето или апстрактното мислење, промена на расположението или промена во однесувањето, промена на личноста и губење на интерес за претходните активности.