Животната приказна на Дур, чистач на чевли кој со звуците на виолината ги запира минувачите
- Во летните денови, кога луѓето повеќе носат влечки и сандали, Дур повторно ѝ се посветува на својата виолина. Кога ќе дојде муштерија, ќе ја заврши работата со чевлите, но веднаш потоа со звуците на виолината приредува вистинско музичко уживање.
Doğan Zelova
26 Јуни 2026•Ажурирано: 26 Јуни 2026
photo: Doğan Zelova / AA
ЧАНАККАЛЕ
Во Гелиболу кај Чанаккале, Турција, 55-годишниот Тургут Дур, кој со чесен труд заработува како чистач на чевли, во моментите кога нема муштерии, со топлите звуци на виолината и песните со кои израснал им го разубавува денот на луѓето на улиците, пишува Анадолу.
Дур, кој потекнува од семејство на музичари, од мали нозе ѝ го дал срцето на виолината. Уште од основно училиште не се делел од неа ни за миг, дури ја носел и во училиште, а кога пораснал, со чичко му со години свиреле на свадби.
Бидејќи свадбите најчесто се прават во лето, за да ја прехрани фамилијата во текот на долгите зимски месеци, како втор занает го избрал чистењето и боењето чевли.
Фотографија : Doğan Zelova/AA
Во летните денови, кога луѓето повеќе носат влечки и сандали, Дур повторно ѝ се посветува на својата виолина. Кога ќе дојде муштерија, ќе ја заврши работата со чевлите, но веднаш потоа со звуците на својот инструмент им приредува вистинско музичко уживање на сите што минуваат низ улицата.
Тургут Дур, сопруг и татко на три деца, вели дека виолината е најубавиот аманет што му останал од неговото семејство бидејќи дури и кога работата со чевлите ќе се намали во лето, музиката секогаш продолжува.
Насмевката на лицата на минувачите е негова најголема заработка.
Фотографија : Doğan Zelova/AA
„Во летните месеци заработувам за живот главно од музиката. Преку ден чистам чевли, но во овој период, во летната сезона, не заработувам доволно. Бидејќи сега сите носат платнени чевли, спортски патики или сандали, работата со чевлите не е како во зима. Затоа одлучив да свирам, па така се обидувам да донесам некоја пара плус во мојот дом.“
- „Не можам да се одвојам од музиката” -
Раскажувајќи дека љубовта кон музиката му е всадена од семејството, Дур вели: „Чичко ми свири виолина, браќата свират кларинет, некои канун... Тоа е дел од нашиот живот, од нашето семејство. Многу ја сакам оваа уметност и едноставно не можам да се одвојам од неа. Со виолината одам на свадби, свирам во ресторани. Се трудам да свирам секаде каде што ќе ме поканат и да ги направам луѓето среќни. Сега свирам како уличен музичар. Оние што ќе го слушнат звукот на мојата виолина застануваат да слушаат, а некои оставаат и бакшиш.“