Жените во Уганда го претвораат земјоделскиот отпад во еколошко гориво обезбедувајќи егзистенција за семејствата
- Околу 80 проценти од потрошената биомаса отпаѓа на дрвно гориво, 10 проценти на ќумур и 4 проценти на земјоделски остатоци. Дури девет од 10 домаќинства во земјата користат дрво или ќумур за готвење.
Gülsüm İncekaya
26 Јуни 2026•Ажурирано: 26 Јуни 2026
photo: Nicholas Kajoba / AA
ИСТАНБУЛ
Група млади мајки среде Кампала, главниот град на Уганда, со своите вредни раце го претвораат земјоделскиот отпад во еколошки брикети. На овој начин тие не само што обезбедуваат топол оброк и егзистенција за своите семејства, туку и придонесуваат за заштитата на природата, пишува Анадолу.
Повеќе од 20 млади мајки, здружени во рамките на невладината организација „Сет хер фри“, која дејствува во регионот Кавемпе во Кампала, секое утро го преработуваат земјоделскиот отпад и прават брикети од биогориво.
Робинах Муганзи, основачка на организацијата, во разговорот со дописникот на Анадолу вели дека овие млади мајки израснале во сиромашните квартови на Кампала, па водена од желбата да им подаде рака на жените што денес се соочуваат со исти животни бури, ја основала невладината организација.
„Од една страна, младите мајки остваруваат приход од продажбата на брикетите, а од друга даваат придонес во заштитата на природата“, рече таа.
Фотографија : Nicholas Kajoba/AA
Муганзи истакна дека цел е да ја намалат потребата од огревно дрво и ќумур преку искористување на земјоделскиот отпад. Таа објасни дека младите мајки ги мешаат остатоците од културите и другиот земјоделски отпад со глина и меласа и прават брикети од биогориво што лесно може да се користат во домовите и во училиштата.
На младите жени, соочени со ризик од сиромаштија и социјална исклученост, оваа благородна организација им нуди бесплатно образование, менторство и стручни програми, со единствена цел – да им даде можност сами да чекорат низ економскиот живот.
Претставниците на „Сет хер фри“ велат дека произведените брикети им ги продаваат на домаќинствата и училиштата во Кампала, а заработените средства помагаат за егзистенцијата на младите мајки. Брикетите, кои се продаваат за помалку од еден долар за килограм, се подостапни како гориво за семејствата со ниски приходи.
Фотографија : Nicholas Kajoba/AA
Овие брикети, кои ги претпочитуват училиштата, рестораните и домаќинствата во Кампала, се сметаат за одлична алтернатива за ќумурот. Корисниците истакнуваат дека производот, покрај тоа што е поекономичен, придонесува и за намалување на сечата на дрвја за огрев.
- Сѐ уште зависат од огревно дрво и ќумур -
Во Уганда, огревното дрво и ќумурот сè уште масовно се користат за готвење храна.
Според податоците на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), околу 94 проценти од енергијата во земјата се обезбедува од извори на биомаса.
Околу 80 проценти од потрошената биомаса отпаѓа на дрвно гориво, 10 проценти на ќумур и 4 проценти на земјоделски остатоци. Дури девет од 10 домаќинства во земјата користат дрво или ќумур за готвење.
Фотографија : Nicholas Kajoba/AA
ФАО предупредува дека масовното производство на ќумур предизвикува тешки еколошки, социјални и економски последици. Поради долгогодишната сеча на шумите за да се задоволат основните потреби, природата и шумата на Уганда се наоѓаат под огромен притисок.
Податоците на Националната управа за шуми на Уганда покажуваат дека во 1990 година шумите покривале околу 25 проценти од територијата на земјата, а во 2015 година тој процент паднал на критични 9 отсто.
Од управата наведуваат дека благодарение на активностите за заштита и пошумување спроведени во последните години, шумската покриеност повторно се зголемува и достигна 13 проценти во 2021 година, со цел да се зголеми на 15 проценти до 2025 година.
Експертите истакнуваат дека зголемувањето на употребата на алтернативни горива, како што се брикетите од биогориво произведени од земјоделски отпад, може и да ја намали зависноста од ќумур и значајно да помогне во зачувувањето на шумите.