Muhammed Enes Yapalıkan
10 Април 2026•Ажурирај: 10 Април 2026
Надире Сакали, која посетуваше курс во Центарот за јавно образование во турската област Испарта, ја извојува својата најдрага победа и научи да чита и пишува на 88-годишна возраст, пишува Анадолу.
Сакали прерано останала без мајка и до седум години живеела со баба ѝ, а потоа се вратила кај татко ѝ ковач и уште тогаш, сосема мала, ја започнала суровата борба за опстанок.
Од дете работела на нива и не можела да добие образование, но желбата за знаење што со децении тлеела во неа по многу години конечно стана реалност.
Оваа мајка на пет деца, во разговорот со Анадолу, сподели дека одлуката да научи да чита и пишува ја донела инспирирана од образовниот процес на нејзините деца.
Истакнувајќи дека животот ѝ станал многу полесен откога ги совладала буквите, Сакали рече: „Кога гледав како децата учат, посакав и јас да знам. Чувствував дека нешто ми недостасува. Сега кога читам, разбирам што е што.
Читањето помага во секоја област од животот – на пазар, во маркет, на телефон. Ако има некој што не знае, задолжително нека научи. Староста нека не ви биде препрека, секој што сака може да научи.“
- „Важно е само да се има желба за знаење“ -
Едукаторката во Центарот во Испарта, Хазине Уигун, вели дека упорноста на баба Надире била клучна толку брзо да ги совлада буквите.
Таа рече дека баба Надире, иако е родена во далечната 1938 година, поседува младешки жар за знаење: „По две години исполнети со труд и верба, конечно ги совлада буквите. Денес нејзините очи сјаат додека чита, а таа неизмерна среќа што ја носи во себе, ги полни и нашите срца со радост.“
Директорот на Центарот за јавно образование во Испарта, Џелал Озан, вели дека вратите на знаењето се отворени за секој и порача: „Ние веруваме во образование што не познава граници – од 7 до 77 години. Годините се само бројка што го губи значењето пред силата на човечката волја. Единствено е важна желбата во срцето за нов почеток, а нашата тетка Надире со својот нескршлив дух стана најсветол пример за сите нас.“