Mücahithan Avcıoğlu
23 Јуни 2026•Ажурирано: 23 Јуни 2026
Американскиот производител на електрични возила „Тесла“ забележа остар скок на продажбата во Европската Унија (ЕУ) во текот на мај, при што бројот на новите регистрации порасна за 152,4 проценти во споредба со истиот период минатата година, иако конкуренцијата од кинескиот БИД продолжува да се интензивира, покажуваат најновите податоци од индустријата, јавува Анадолу.
Бројот на „Тесла“ автомобили регистрирани во ЕУ достигна 21.767 возила во мај, што е значителен раст во однос на 8.623 возила регистрирани во истиот месец минатата година, соопшти Европската асоцијација на производители на автомобили.
Со ова, пазарниот удел на компанијата се зголеми на 2,3 проценти во споредба со минатогодишните 0,9 проценти.
Во период од јануари до мај, продажбата на „Тесла“ во ЕУ порасна за 77,3 проценти на годишно ниво, достигнувајќи 89.180 возила, додека нејзиниот пазарен удел се искачи на 1,9 проценти во однос на претходните 1,1 процент.
Ова закрепнување на пазарот доаѓа во време на зголемена побарувачка за електрични возила низ ЕУ, каде што регистрациите на автомобили на батерии скокнаа за 35,7 проценти во првите пет месеци од годината, достигнувајќи вкупно 950.521 возило.
И покрај закрепнувањето на „Тесла“, БИД продолжува со забрзано темпо да го освојува европскиот пазар.
Регистрациите на кинескиот производител на автомобили во ЕУ забележаа силен раст од 158,8 проценти на годишно ниво во мај, достигнувајќи 26.017 возила, со што ја надминаа месечната продажба на „Тесла“.
Во периодот од јануари до мај, продажбата на БИД порасна за 158,9 проценти на 99.578 возила, со што кинеската компанија се позиционираше пред „Тесла“ и во вкупниот број на регистрирани возила.
Пазарниот удел на БИД во ЕУ се зголеми на 2,7 проценти во мај во однос на 1,1 процент лани, додека уделот во период од јануари до мај порасна на 2,1 процент од претходните 0,8 проценти.
Овие бројки укажуваат на зголемен притисок врз „Тесла“ во Европа, каде што кинеските производители на автомобили агресивно се шират нудејќи попристапни модели и поширок асортиман на производи.
Останатите брендови поврзани со кинескиот пазар исто така забележаа силен раст. Бројот на нови автомобили на „Чери“ ставени во употреба скокнаа за 239,6 проценти во мај, односно на 16.282 возила, додека продажбата на „Липмотор“ порасна за 447,3 проценти достигнувајќи 8.856 возила.
Во првите пет месеци, бројот на нови автомобили на „Чери“ во ЕУ се искачи за 265,2 проценти, односно 65.621 возило, а продажбата на „Липмотор“ порасна за 530,8 проценти, достигнувајќи 37.694 возила.
Групацијата „Фолксваген“ останува најголемиот производител на автомобили во ЕУ според бројот на регистрации, со пазарен удел од 26,6 проценти во мај, и покрај падот од 3,6 проценти на месечната продажба која изнесуваше 254.011 возила.
За периодот од јануари до мај, продажбата на групацијата „Фолксваген“ забележа раст од 1,5 проценти, достигнувајќи 1,27 милиони возила.
„Стелантис“ се најде на второто место со 146.381 нови возила во мај, што е пад од 2,6 проценти на годишно ниво, додека продажбата на групацијата „Рено“ се намали за 1,3 проценти паѓајќи на 100.507 возила.