Berk Kutay Gökmen
09 Јуни 2026•Ажурирано: 09 Јуни 2026
Иако САД ќе бидат домаќини на најголем дел од натпреварите на Светското првенство 2026 во фудбал, кое започнува кон крајот на оваа недела, американските хотели се со послаба исполнетост во споредба со оние во Канада и Мексико, објави денес „Волстрит џурнал“, пренесува Анадолу.
Хотелските резервации во Канада и Мексико ги надминуваат оние во речиси сите американски градови домаќини пред почетокот на водечкиот турнир на ФИФА, кој започнува во четврток во 16 града во Северна Америка.
Според податоците на „КоСтар“, Ванкувер и Гвадалахара водат во поглед на исполнетоста на хотелските капацитети со 48 отсто.
Торонто, Мексико Сити и Монтереј, исто така, ја надминаа исполнетоста од 40 отсто, додека Сан Франциско е единствен американски град домаќин што достигна ниво од 44 отсто.
Иако некои американски хотелски оператори пријавуваат солидни цени на собите, канадските и мексиканските дестинации имаат корист од неколку предности, вклучително и поголемиот локален ентузијазам за фудбалот и генерално пониските трошоци за патување.
Во меѓувреме, присуството на натпреварите во САД станува сè поскапо. Цените на билетите за годинашното Светско првенство се искачија на рекордно ниво, при што некои билети во препродажба за финалето веќе достигнуваат цена од над 20.000 долари според податоците на „ТикетДата“. Трошоците за патување, исто така, нагло се зголемија.
Покрај тоа, загриженоста околу барањата за визи и перцепцијата за негостопримлива политичка средина во САД одвратија дел од меѓународните навивачи да тргнат на ова патување.