Stipe Majic
10 Април 2018•Ажурирај: 11 Април 2018
ЗАГРЕБ (АА) - Претседателот на Република Финска, Саули Нинисто, својата дводневна официјална посета на Република Хрватска, ја започна со состанокот со претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за прва официјална посета во странство на финскиот претседател Саули Нинисто по неговиот повторен избор.
Билатералните односи на Хрватска и Финска беа оценети како одлични и без отворени прашања, а хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ изрази благодарност до својот колега од Финска за разбирање на настојувањето на Хрватска, како членка на Европската Унија, да стане полноправна членка на Шенгенскиот простор, Европската монетарна унија и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
„Хрватска и Финска ќе бидат членки на триото во претседавањето на Советот на ЕУ, заедно со Романија, кое за цел ќе го има зајакнувањето на ЕУ“, изјави хрватската претседателка.
„Кога станува збор за Република Хрватска, понатомошното проширување на ЕУ ќе биде исклучително важно за нашето претседавање, а мило ми е што Финска, исто така, го поддржува тој процес“, изјави Колинда Грабар Китаровиќ.
Таа нагласи дека е време Хрватска и Финска заеднички да работат во Југоисточна Европа во твининг-проекти, првенствено преку искуства кои ќе им помогнат на соседните држави да ја зајакнат својата државна администрација, да се приспособат на сите критериуми и да ги спроведат реформите потребни за членство во ЕУ.
„Тука заедничките проекти со третите држави, особено БиХ и Црна Гора, се исклучително важни“, изјави хрватската претседателка.
Финскиот претседател, Саули Нинисто, истакна дека Финска и Хрватска се земји со релативно мала популација, но имаат важна улога која им овозможува да принудат големи земји да работат на мирот и просперитетот во Европа и светот.
Нинисто изјави дека Финска како нордиска земја блиско соработува со балтичките земји за чие членство во ЕУ се вложува интензивно, и ја спореди таа финска улога со залагањето на Хрватска за просторот на југоисточна Европа.
„Критериумите за членство во ЕУ мора да се почитуваат, но ние сме навистина позитивни и ја знаеме важноста на овој дел од Европа, не само поради земјите кои се тука, туку за безбедноста и благосостојбата на Европската Унија“, рече Саули Нинисто.
Двајцата лидери разговараа за односите со Руската Федерација и со Турција, и за процесот на миграција и градењето на заеднички европски систем во врска со ова прашање.
Се осврнаа на актуелната ситуација во Сирија, која е оценета за сериозна, и ја нагласија важноста на силна ЕУ која ќе се придржува кон ова прашање.
„Арктикот станува сè поинтересен, за жал и поради климатските промени, до отворањето на нов пловен пат. Но, соработката на Хрватска со Финска треба да биде насочена кон заштита на арктичкиот простор, како еколошки, така и на сите други начини“, рече Колинда Грабар-Китаровиќ .
„Ако го изгубиме Арктикот, ќе го загубиме светот, а тоа е нешто што не смееме да го дозволиме кога станува збор за топењето на мразот“, изјави Саули Нинисто.
Нагласена е потребата за јакнење на економската соработка, особено финансиското вложување во Хрватска во подрачјето на IТ-технологијата.
Саули Нинисто нагласи дека повеќе од 100.000 Финци годишно ја посетуваат Хрватска.