СКОПЈЕ (АА) - Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула Фон дер Лaјен, денес престојуваше во официјална посета на Северна Македонија, каде што беше пречекана од премиерот Христијан Мицкоски, јавува Анадолу.
По церемонијата за прием со највисоки почести, Мицкоски и Фон дер Лaјен одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше состанок на двете делегации.
На заедничката прес-конференција по состаноците, претседателката на ЕК истакна дека имала многу добра средба и одлична размена на мислења, додавајќи дека е многу задоволна што Владата на Северна Македонија останува посветена на пристапниот пат кон Европската Унија (ЕУ).
„Имаме многу јасна цел на повидок. И тоа е да се отвори фундаменталниот кластер што е можно поскоро. Речиси сме таму, знаеме дека се работи за уставните промени што вашата земја се обврза да ги спроведе, и како што рековте, сега ни треба заеднички напор, соработка и дијалог. Се надевам дека сите политички сили во земјата ќе се здружат за да го направат овој одлучувачки чекор напред и убедена сум, како и вие, дека можеме да ги надминеме пречките кои сѐ уште се таму“, рече Фон дер Лaјен.
Одговарајќи на новинарско прашање околу уставните измени, претседателката на ЕК истакна дека ќе ѝ помогнат на Северна Македонија на секој чекор сѐ до полноправното членство, вклучувајќи го и имплементирањето на заложбата што Северна Македонија ја презеде како држава.
„Се разбира, треба да се работи на уставните промени. За мене тоа е многу важно. Секако, во интерес на Северна Македонија е да бидеме успешни и затоа сакам да ве уверам дека ќе помогнеме во секој чекор напред за да можеме да стигнеме до нашата заедничка цел. Можете да сметате на нас и за мене е важно да не гледаме премногу во минатото, туку да гледаме во иднината. Сакаме заедно да го напишеме следното поглавје од нашата заедничка иднина“, истакна Фон дер Лaјен.
Таа истакна дека проширувањето ќе остане висок приоритет на ЕК во следните 5 години. Фон дер Лaјен напомена дека земјите од Западен Балкан ги поднеле реформските агенди, и притоа високо ја оцени агендата поднесена од Северна Македонија.
„Северна Македонија направи одлична работа, тоа е одлична реформска агенда што ја имаме, и сега можеме да започнеме со претфинансирање од 52 милиони евра до крајот на годината, а севкупно Северна Македонија ќе добие повеќе од 750 милиони евра според Планот за раст“, рече Фон дер Лaјен.
Таа говореше и за заедничкиот инвестициски план за Западен Балкан, додавајќи дека овој план дава стабилни резултати.
„Во Северна Македонија, планот веќе има мобилизирано 1,7 милијарди евра инвестиции, а ќе се фокусира на транзиција кон чиста енергија“, рече Фон дер Лaјен.
Таа ја нагласи и одличната соработка во полето на заштитата на границите, нагласувајќи дека тимовите на ФРОНТЕКС во последните две години помогнале на граничните точки на Северна Македонија.
Во текот на престојот во Скопје, Фон дер Лaјен се сретна и со претседателката на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова. Претседателката на ЕК, како дел од нејзината балканска турнеја, вчера престојуваше во Албанија, а попладнево отпатува за Босна и Херцеговина, по што ќе ги посети и останатите земји од регионот.