Aldijana Hadzic
25 Април 2021•Ажурирај: 26 Април 2021
САРАЕВО
Секоја идеја за поставување и промена на границите помеѓу земјите, посебно во БиХ, која претрпе најголема штета по распадот на Југославија, претставува исклучително опасен потег, кажано е денес на редовната сесија „Круг 99“ одржана во онлајн формат, јавува Агенција Анадолија (АА).
За темата „Односот на ЕУ-институциите кон БиХ и останатите држави од Западен Балкан во современ контекст“, говореше Тања Фајон, пратеничка во Европскиот парламент од Словенија.
Фајон во таа пригода нагласи дека од почетокот на својата кариера во Европскиот парламент го поддржува проширувањето на Европската Унија (ЕУ) со земјите од Западен Балкан и активно работи на тоа веќе подолго од 10 години.
„Уверена сум дека единствено јасна европска перспектива може по мирен пат да ги реши проблемите на парцијалните интереси во регионот и да ја зајакне соработката и соживотот. Народот од регионот заслужува сигурност, напредок и стабилност на сите нивоа“, рече Фајон.
Таа истакна дека искуствата од минатото се тука за да се учи од нив и потврди дека ЕУ го разбира Западен Балкан како исклучително значаен и перспективен регион.
„Ангажман е потребен како од страната на ЕУ, така и од страната на локалните актери. Ова време на пандемија донесе дополнителни предизвици за целиот свет, но ангажирањето на Унијата за земјите од Западен Балкан никако не се намали“, рече Фајон.
Додаде дека тоа не значи дека соработката не треба константно да се унапредува.
„Процесот на проширување функционира преку различни делегации, во нивен интерес, мораат да бидат граѓански, стабилни и безбедни државите на Западен Балкан“, рече Фајон.
Додаде дека во извештаите на Европската комисија се забележани резултати на напредок на сите земји.
„Јасно е дека во целиот регион има уште многу работа, затоа фокусот мора да биде на заедничката борба против корупцијата, криминалот и кршењето на човековите права. Ја разбирам зголемената недоверба што постои помеѓу граѓаните и институциите, бидејќи во Европа повеќе пати многу се ветувало, а на крај не се одржани ветувањата. Луѓето заслужуваат побрз и поконкретен процес на пристапување во ЕУ. Од суштинско значење е да почнат преговорите со Северна Македонија и Албанија, двете земји ги исполнија условите и не смеат да станат заложници на интересите“, рече Фајон.
Таа го коментираше и случајот „нон пејпер“, што во последно време е актуелен во регионот, истакнувајќи дека се работи за сензитивна тема.
„Секоја идеја за поставување и промена на границите помеѓу земјите, посебно во БиХ, која претрпе најголема штета по распадот на Југославија, претставува исклучително опасен потег. Ваквите дијалози нè враќаат во минатото. Моментално треба да размислуваме за решенија што ќе ја направат БиХ функционална земја и со придружувањето кон ЕУ, границата треба да стане симболична“, смета Фајон.
Таа додаде дека пред нас не се наједноставни времиња, но дека верува дека промените кон подобро се можни.
Фајон се осврна и на другите земји од Балканот, истакнувајќи дека е потребно да се унапреди комуникацијата и да се постигнат позитивни резултати, како што е направено во минатото кога е овозможено патување без визи во Шенген-зоната за граѓаните на Северна Македонија, Црна Гора и Србија од декември 2009, а на БиХ и Албанија од ноември 2010 година.
„Позитивните практики се резултат на дијалог, работа и труд, како од страна на државите така и од ЕУ“, рече Фајон.