Elena Trenchevska Chekovic
15 Мај 2025•Ажурирај: 16 Мај 2025
СКОПЈЕ (АА) – Европската Унија (ЕУ) очекува Северна Македонија да го исполни договореното за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, порача денес претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, јавува Анадолу.
Кошта престојува во посета на Северна Македонија, каде што оствари средба со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, по што беше одржана заедничка прес-конференција.
Во своето обраќање, Кошта истакна дека ја поздравува одличната работа на Северна Македонија и Владата на земјата во однос на реформската агенда, како и веќе постигнатиот напредок.
„Цврсто верувам дека проширувањето е заедничката цел што ја споделуваме и ова е најдобрата геостратешка инвестиција во мир, безбедност и стабилност што сите можеме да ја направиме“, рече Кошта.
Тој нагласи дека за време на средбата со премиерот Мицкоски повторил дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија.
Посочи дека сега земјата треба да го исполни договореното за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, и дека Брисел нема да дава гаранции, како и дека нема да има нови билатерални барања од Бугарија кон Северна Македонија.
„Ја посетив Бугарија пред две недели од таа причина, и ако ме прашувате какви гаранции имаме, јасно е: она што е договорено е договорено и нема повеќе што да се договара. Сега треба да се исполни тоа што е договорено, и нема повеќе простор да се прашува што уште треба да се договара“, одговори Кошта на новинарско прашање за евентуални гаранции.
Тој посочи дека не постои план „Б“ за отворање на преговорите.
„Не ви треба план Б, туку само реализирање на планот А и тоа е нашиот фокус, тоа е фокус на премиерот Мицкоски и тоа треба да биде фокусот на 27-те земји членки на ЕУ“, рече Кошта.
Претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, од своја страна истакна дека посветеноста на земјата кон евроинтегративниот процес ќе остане и „ќе се засили во периодот којшто следува, бидејќи веруваме дека иднината на македонските граѓани е во рамките на европското семејство“ и додаде дека нема промени во ставот.
„Јас сум на истиот став дека евроинтегративниот процес треба да се темели на вредности, а не на билатерални прашања. За жал, претходната влада прифати такво билатерално прашање да биде дел од нашата европска иднина. Јас тоа не можам да го прифатам и нема никогаш да го прифатам. И ќе се борам колку можам да најдеме начин да излеземе од овој процес во којшто сме сега“, порача Мицкоски.
Тој рече дека посетата на Кошта не е само потврда за длабоката дипломатска соработка, туку и „реален чин на внимание, поддршка и интерес за иднината на нашата држава и за иднината на Западен Балкан да биде наскоро дел од Европската Унија“.
Рече дека македонските граѓани можеби чекорат по „најтешкиот пат“ до членство во ЕУ.
„Факт е дека тој пат го одеа и другите народи коишто сега се дел од европското семејство, но граѓаните на оваа, една од најмалубројните земји во срцето на Балканот и во Европа, го одеа и го одат најтешкиот пат ако може да се каже дека го одат, бидејќи се наоѓаме на истото место каде што бевме пред 20 години“, изјави Мицкоски.
Тој изрази надеж дека во периодот што следува, заеднички, достоинствено ќе се одблокира овој процес, и додаде:
„И достоинствени ќе бидеме дел од европското семејство. Јас сум убеден дека имаме вредности, имаме капацитет, имаме знаење и знаеме како да го изодиме тој пат на најбрз начин, а со помошта којашто лично ја дава претседателот Кошта и поддршката и помошта којашто ја имаме и од Европската комисија и од земјите членки“.
Инаку, претседателот на Европскиот совет, Кошта, денес е во посета на Северна Македонија во рамките на неговата турнеја низ земјите од Западен Балкан, каде што покрај со премиерот Мицкоски, се сретна и со претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Претходно, Кошта ги посети Сараево, Белград и Приштина, а по Скопје патува за Тирана.