Bedrudin Brljavac
07 Април 2024•Ажурирај: 08 Април 2024
БЕЛГРАД (АА) - Далибор Драгичевиќ (40), брат на Дејан Драгичевиќ, обвинет за тешко убиство на двогодишната Данка Илиќ, почина синоќа во полициската управа во Бор, пренесува Анадолу.
Далибор Драгичевиќ беше приведен вчера, заедно со неговиот татко, под сомнеж дека му помогнал на братот Дејан да го премести телото на убиената Данка.
По повод смртта на Далибор Драгичевиќ се огласи и Министерството за внатрешни работи на Србија.
„Осомничениот Д.Д. (40) од Бор, кому во саботата му е одредено 48 часовно задржување поради постоењето основен сомнеж дека му помогнал на Д.Д. (50) осомничен за тешко убиство на двогодишната Данка Илиќ, почина во полициската управа во Бор“, се вели во соопштението на МВР, во кое се додава:
„На Д.Д. му се слошило во раните утрински часови и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите на Домот за здравје во Бор кои се обиделе со реанимација, тој починал во 3:10 часот, а од страна на лекарите е констатирана природна смрт.“
За настанот веднаш е известено Вишото јавно обвинителство во Заечар, кој наложил обдукција од страна на Институтот за судска медицина во Белград.
Припадници на МВР на Србија по десетдневни опсежни акции, детална проверка на сите траги и информации, на 4 април го приведоа С.Ј. (50) и Д.Д. (50), двајцата од Бор, под сомневање дека го убиле двогодишното девојче Данка Илиќ.
„Двајцата осомничени во потполност признаа дека го сториле кривичното дело, а во тек е истрага на теренот“, соопшти МВР на Србија.
Двогодишната Данка Илиќ исчезна на 26. март кај Бањско Поле во Бор, и од тогаш трае потрагата по неа.
Постоеше сомневање дека е киднапирана и се наоѓа во близина на Виена, но по оперативната проверка, австриската полиција соопшти дека на претходно објавената снимка во медиумите не е Данка Илиќ.
По неа е распишана и потерница од страна на Интерпол. Поради исчезнувањето на девојчето Данка, во Србија за првпат е активиран системот „Пронајди ме“ за итно известување на јавноста.
Граѓаните се повикани доколку имаат какви било информации веднаш да ја повикаат полицијата.