Agim Sulaj
29 Ноември 2021•Ажурирај: 30 Ноември 2021
ПРИШТИНА
Словенечкиот претседател Борут Пахор реализира посета на Косово, во чии рамки се состана со косовската претседателка Вјоса Османи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателката на Косово, Османи, рече дека Словенија го поддржала Косово во различни фази, изразувајќи желба за продлабочување на соработката со Словенија во областа на безбедноста, образованието и други различни области.
Османи рече дека на состанокот укажала на задоцнувањето на процесот на визната либерализација за кој побара понатамошна поддршка од Словенија.
Осврнувајќи се на процесот на дијалогот меѓу Косово и Србија, Османи нагласи дека Косово било конструктивно во овој процес, додавајќи дека реципрочното признавање меѓу Косово и Србија треба да биде во центарот на овој процес.
Според неа, Србија преку илегалните структури во северниот дел на Косово го дестабилизира Косово, подвлекувајќи го руското влијание како ризик за Косово и регионот.
Словенечкиот претседател Пахор истакна дека Косово и Словенија имаа одлични политички и економски односи.
Тој рече дека Словенија го поддржува Косово во процесот на дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ. Според него, овој процес не е едноставен, но може да заврши со политичка волја.
Пахор нагласи дека сите договори постигнати во Брисел меѓу Косово и Србија треба да се почитуваат, вклучувајќи го и формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство.
Инаку, посетата на словенечкиот претседател доаѓа по неговиот состанок со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград.
Во рамки на неговата посета на Косово, Пахор ќе се состане и со косовскиот премиер Албин Курти, а ќе го посети и контингентот на словенечката Војска што дејствува во рамки на КФОР во земјата.
Ова е втора посета на Пахор на Косово оваа година. Тој и на 13 мај одржа состаноци со високите функционери на земјата.