Besar Ademi
22 Септември 2017•Ажурирај: 23 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Под мотото „Ден без автомобили“, во Скопје се одржа традиционалната парада со велосипеди во рамките на Европската недела на мобилност, која започна од портата „Македонија“ во центарот на градот, а заврши во Градскиот парк, јавува Anadolu Agency (AA).
Парадата со велосипеди е организирана од Град Скопје и од Министерството за животна средина и просторно планирање, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Скопје. Во парадата учествуваа илјадници граѓани кои на овој начин изразија подготвеност да се зголеми јавната свест за предностите на овој вид превозно средство.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој учествуваше во парадата, го поздрави големиот број млади лица кои учествуваа во парадата, истакнувајќи дека младите можат да ја променат свеста на граѓаните на Скопје за колку што е можно поголема употреба на велосипедите за превоз, но исто така и за рекреација.
„Градот Скопје минатата година беше еден од трите града во Европа според мобилноста и тоа е голема потврда дека Градот Скопје во областа на мобилноста се движи во вистинскиот правец“, рече Трајановски.
На традиционална велосипедска парада се придружи и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, кој апелираше: „Ве повикуваме сите заедно да се вклучиме во таа борба, бидете модерни патриоти, користете велосипеди“.

Во Градскиот парк, каде што заврши парадата, беше одржана забавна програма, а некои граѓани освоија велосипеди на лотаријата подготодвена од страна на организаторите, како симбол за користење на алтернативни средства за превоз.